ДЕПОНИЈА ЗА КОМУНАЛЕН СМЕТ КРАЈ ВЕЛЕС ГОРИ ОД ВЧЕРА, ГРАДОТ СЕ ГУШИ ВО ЧАД

    ДЕПОНИЈА ЗА КОМУНАЛЕН СМЕТ КРАЈ ВЕЛЕС ГОРИ ОД ВЧЕРА, ГРАДОТ СЕ ГУШИ ВО ЧАДСо депонијата која е нестандардна управува ЈКП Дервен. Нивни екипи биле први на терен во обид да се локализира огнот. (Фото: СДК.МК)

    Од вчера попладне гори депонијата за смет, близу Велес. Облаци чад го прекрија градот, а граѓаните се жалат на мирисот на оган и отежнато дишење. Огнот е регистриран околу 18 часот. Граѓаните нивните реакции ги испратиле до велешките екологисти од ЕД „Вила Зора“.

    „Пристигнаа реакции од граѓаните кои се жалеа на белиот чад, кој се создаваше од пожар на депонијата. Тие се уплашени. Отровните материи кои се испуштаат од депонијата при пожар, во воздухот, се штетни по здравјето. Апелираме до граѓаните кои се наоѓаат на депониите и таму пребаруваат, собираат пластика, да не палат. Како и до граѓаните за селекција на отпадот, да не фрлаат пластика во контејнерите, оти има специјални за таа намена. Затоа ни е потребна една фабрика за отпад, која се планира во Неготино“, кажа Сашка Коцевска од ЕД Вила Зора.

    Со депонијата која е нестандардна управува ЈКП Дервен. Нивни екипи биле први на терен во обид да се локализира огнот.

    „Поради високите температури се појави пожар на градската депонија. Во гаснењето на пожарот ангажирани се возила – цистерни на ЈКП Дервен, како и од противпожарната служба на Општина Велес. Пожарот е скоро изгаснат, односно е ставен под контрола“, соопштија од ЈКП Дервен.

    Тие го гаснеле огнот со затрупување песок со булдожер. Но, бидејќи огнот уште повеќе се разгорел на помош се повикани пожарникарите од ТППЕ Велес.

    „Побарана е помош од пожарната од вчеравечер. Наше возило со пожарникари е таму на терен“, кажа Димче Јовановски заменик на командирот на ТППЕ Велес.

    Мерните инструменти на Министерството за животна средина, вчеравечер и претпладнево покажаа високи часовни вредности на ПМ 10 и ЦО во воздухот во Велес.

    П. ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира