ДЕПОНИЈАТА РУСИНО ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА ПО ПЕТ ГОДИНИ ОТКАКО БЕА ПРИФАТЕНИ БАРАЊАТА НА ЕКОЛОГИСТИТЕ

    ДЕПОНИЈАТА РУСИНО ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА ПО ПЕТ ГОДИНИ ОТКАКО БЕА ПРИФАТЕНИ БАРАЊАТА НА ЕКОЛОГИСТИТЕДепонијата Русино се наоѓа на неколку километри од Гостивар и досега нејзината работа повеќе пати беше блокирана од месното население и еколошките организации (Фото: СДК.МК)

    Регионалната депонија Русино кај Гостивар ќе биде затворена и дислоцирана после пет години. На ова со потпис се обврзаа градоначалниците од Полошкиот плански регион на состанокот кој денеска се одржа во Општина Желино.

    Поради енормното загадување на воздухот и почвата кое доаѓаше од Русино, екологистите и невладините организации од летоска го блокираа одложувањето на сметот на депонијата и до градоначалниците од Полошкиот регион доставија 19 барања, меѓу кои најважно беше нејзина дислокација.

    „На состанокот во Министерството за животна средина, на кој беа и претставници од организацијата ‘Стоп Русино‘, невладината организација ‘Двеко‘, Општина Гостивар и од сите политички партии од регионов, консензуално донесовме одлука депонијата Русино после пет години да се дислоцира од зоната и да се најде друга депонија која ќе биде за цел Полошки регион. Градоначалниците од Полошкиот регион се согласија со сите 19 точки и денеска ги потпишавме, за да се почне со спроведување на швајцарскиот проект, со кој треба да се изврши рехабилитација на Русино. Се надевам дека после пет години Министерството ќе најде друга локација која ќе биде координирана со други општини и ќе ги исполнува условите да биде регионална депонија. Нѐ радува тоа што по пет години Русино ќе биде комплетно средена и исчистена и ќе стане зелена површина. Верувам дека сите сериозно ќе се придржуваме до она што го потпишавме“, изјави градоначалникот на Општина Гостивар, Арбер Таравари.

    Оптимизам владее и кај претставниците од Полошкиот плански регион, кои се најзасегнати со проблемот на депонијата Русино. Дел од деветте општини во Полошкиот регион веќе ги потпишале барањата од невладиниот сектор, а останатите се очекува да го направат тоа во наредниот период.

    „Ние постигнавме договор со организацијата ‘Стоп Русино‘, нивните барања веќе се прифатени и потпишани од градоначалниците на општините Тетово и Брвеница, а денеска ќе им биде дадена и на другите градоначалници. Друг битен момент за деблокирање на Русино е да се формира регионално претпријатие за управување со отпад. И таа одлука ја имаат донесено четири општини. Сите членови на управни и надзорни одбори поминуваат на советите на сите општини. Чекаме сите да потпишат, па да свикаме седница на управен одбор и да назначиме директор“, изјави Фатмир Саити, директорот на Полошкиот плански регион.

    Депонијата Русино се наоѓа на неколку километри од Гостивар и досега нејзината работа, односно одложувањето на сметот, повеќе пати беше блокирана, како од месното население, така и од еколошките организации од Гостивар.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира