ДЕСЕТ ПАТИ СУМ СЕ ИЗВИНИЛ ШТО ЈА ПОДДРЖАВ АРСОВСКА, КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ОРЦЕ ЗА 72 ЧАСА ЌЕ ГО ИСЧИСТИ СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ДЕСЕТ ПАТИ СУМ СЕ ИЗВИНИЛ ШТО ЈА ПОДДРЖАВ АРСОВСКА, КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ОРЦЕ ЗА 72 ЧАСА ЌЕ ГО ИСЧИСТИ СКОПЈЕ, РЕЧЕ МИЦКОСКИМицкоски вели дека Општините не можат да го собираат ѓубрето од преполните контејнери и затрупаните тротоари бидејќи минатиот пат раководството на „Дрисла“ не им дозволило да го депонираат ѓубрето и добиле кривична пријава од претпријатието.(Фото: СДК.МК)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека досега десет пати кажал дека чувствува одговорност и се извинил на граѓаните што на локалните избори во 2021 година ја поддржал Данела Арсовска, откако главниот град изминативе денови беше затрупан со ѓубре. Мицкоски вели дека Општините не можат да го собираат ѓубрето од преполните контејнери и затрупаните тротоари бидејќи минатиот пат раководството на „Дрисла“ не им дозволило да го депонираат ѓубрето и добиле кривична пријава од претпријатието. Но, вели, кога на функција ќе дојде Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на главниот град, тој ќе го исчисти Скопје за 72 часа.

    Дали чувствувам одговорност што сум ја поддржал тогашната независна кандидатка за градоначалничка? Десет пати сум кажал дека да чувствувам, и сум се извинил најмалку 10 пати. И еве уште еднаш ќе се извинам што тогаш застанав зад независната кандидатка Данела Арсовска. Сум кажал најмалку 10 пати дека таа грешка нема да ја повториме и затоа на локалните избори во првиот круг ќе победи Орце Ѓорѓиевски и како што самиот се обврза, во првите 72 часа ќе ги засука ракавите и од смет ќе го исчисти Скопје, а потоа ќе следи одговорност“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешниот увид на градежните работи за изградба на спортска сала во училиштето Димитар Поп-Георгиев Беровски во населбата Хром.

    На прашањето дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“ за да истражи зошто камионите не излегуваат на улица и не го чистат ѓубрето, Мицкоски рече дека тие како власт не прават естрада од ништо, но додаде дека одговорност ќе има со име и презиме.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира