ДЕСЕТ РЕНОВИРАНИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СТАНИЦИ ЕДНА ГОДИНА СЕ ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕМА ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ

    ДЕСЕТ РЕНОВИРАНИ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СТАНИЦИ ЕДНА ГОДИНА СЕ ЗАТВОРЕНИ ОТИ НЕМА ТЕХНИЧКИ ПРИЕМЗградата на Железничката станица во Велес е заклучена иако реконструкцијата заврши уште лани во октомври, а нема технички прием оти Македонски железници-инфраструктура не поднеле барање до Министерството за транспорт и врски (Фото: СДК.МК)

    Десетина реконструирани железнички станици на Коридорот 10 една година стојат затворени оти Македонски железници-инфраструктура не побарала технички прием од Министерството за транспорт и врски. Зградата на Железничката станица во Велес, на пример, е заклучена оти нема технички прием, иако реконструкцијата заврши уште во октомври, лани. Не е достапна за патниците, па тие  мора билети да купуваат преку импровизиран шалтер на отворено. Истата судбина ја имаат и железничките станици во Чашка, Градско и Богомила, Демир Капија, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Битола, кои се реновирани ама не се официјално предадени за користење.

    „Од Македонски железници-инфраструктура пред една недела поднесоа барање до Министерството за транспорт и врски да се формираат комисии и да се направи технички прием на 10-на железнички станици на Коридорот 10.  Кога ќе се потпишат тие решенија, очекуваме веќе следниот месец да бидат пуштени во функција станиците“, велат од Министерството за транспорт и врски.

    Чекајќи технички прием, во Железничката станица Велес кај шалтерот за билети има влага, која никако не може да се отстрани, ниту се знае како се појавува и од каде доаѓа (Фото: СДК.МК)

    Неофицијално, раководството на Македонски железници од непознати причини подолго време имало отпор да се формираат тие комисии и да се изврши технички прием на станиците.

    Во меѓувреме, вработените од Железничката станица Велес велат дека во зградата кај шалтерот за билети има влага, која никако не може да се отстрани, ниту се знае како се појавува  и од каде доаѓа. Во текот на јануари, кога имаше многу ниски температури, времено беа отворени вратите од чекалницата, за да не стојат патниците на снег и мраз, но потоа пак се затворија, чекајќи официјално пуштање во употреба.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира