ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД БИТОЛА ЌЕ ДОБИЈАТ ТОПЛА СЕМЕЈНА ГРИЖА ВО НОВООТВОРЕНИОТ ГРУПЕН ДОМ

    ДЕЦАТА БЕЗ РОДИТЕЛИ ОД БИТОЛА ЌЕ ДОБИЈАТ ТОПЛА СЕМЕЈНА ГРИЖА ВО НОВООТВОРЕНИОТ ГРУПЕН ДОМ„Ова е историски ден за нашата држава зашто веќе немаме деца до три години во институции, кажа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на отворањето на домот (Фото: СДК.МК)

    Буквално како дома, вака можат да се опишат условите и атмосферата што владеат во групниот дом кој беше отворен денеска во Битола, во кој се сместени неколку дечиња од Мајчин дом за деца без родители. За разлика од минатото, кога домовите за деца без родители беа институции со големи и скромни простории, објектот во кој тие ќе живеат изненадува со убавина и комфор. Станува збор за пространа двокатна куќа, со многу прозорци и светлина, широк двор со лулашки, пластични детски куќички, колички и тераси со зеленило. Во објектот има модерно опремена дневна соба, кујна со трпезарија, занимална, спална. Просториите се опремени со телевизори и играчки во речиси секој агол.

    Новиот дом е пространа двокатна куќа, со многу прозорци и светлина и широк двор (Фото: СДК.МК)

    Дечињата ги затекнавме во дворот како го користат убавиот сончев ден играјќи се со детските возила и други играчки, а некои беа прилепени за негователките како да им се мајки.

    „Ова е историски ден за нашата држава, зашто можеме да кажеме дека веќе немаме деца до три години во институции. Мајчин дом во Битола денеска се трансформира и сите дечиња се преселени во пет мали групни домови во Битола, во кои сите вработени беа прераспоредени и ниту еден од вработените не остана без работа“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    Триесет негователи и четири стручни работници ќе им даваат 24-часовна грижа на децата (Фото: СДК.МК)

    Во малите групни домови е обезбедена топла семејна грижа. Хигиената е на завидно ниво, а претставници на Министерството и други гости, како и новинарските екипи, за да влезат во објектот мораа да стават заштитни кеси на чевлите.

    „27 деца се сместени во мали групни домови. Кога стапив на функцијата министер имавме околу 60 деца, од кои голем дел отидоа во згрижувачки семејства, некои беа посвоени, а не знаеме зошто се чекале години за посвојување на третата група“, додаде Царовска.

    Децата во домот ќе можат да растат во средина налик на семејната (Фото: СДК.МК)

    Директорката на домот Елена Николовска рече дека со ова ѝ се исполнил сонот што го имала 36 години работејќи во Мајчин дом, децата да растат во средина налик на семејната.

    „Триесет негователи и четири стручни работници ќе им даваат 24-часовна грижа. Овој облик на грижа не значи само поквалитетни простории, туку ќе му овозможи на кадарот индивидуален пристап кон секое дете, согласно неговите желби и потреби“, рече директорката.

    За трансформацијата помогнаа и Амбасадата на Велика Британија и УНИЦЕФ. Британската амбасадорка Рејчел Галовеј имаше можност да си поигра со дечињата и рече дека се „сместени во прекрасен простор, исполнет со љубов и топлина“. Претставникот од УНИДЕФ Бенџамин Перкс беше изненаден од брзината со која се направи трансформацијата.

    „Доколку децата немаат возрасен да се грижи за нив и им овозможи поврзување и љубов, тогаш тоа го доживуваат како закана и опасност. И тоа предизвикува стрес кој во моментот можеби не можеме да го видиме, но влијае врз натамошниот развој на детето. Ваквите мали домови им овозможуваат на децата да развијат однос како со родител и тие да растат во семејно базирана средина“, рече Перкс.

    Градоначалничката Наташа Петровска рече дека дел од испразнетите простории во Мајчин дом ќе се преадаптираат во градинка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира