ДЕЦАТА СЕ ВРАТИЈА ВО СТРУШКИТЕ ГРАДИНКИ, ВОСПИТУВАЧКИТЕ И НЕГУВАТЕЛКИТЕ ДОБИЈА МИНИМАЛНА ПЛАТА, НО И ВЕТУВАЊЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

    ДЕЦАТА СЕ ВРАТИЈА ВО СТРУШКИТЕ ГРАДИНКИ, ВОСПИТУВАЧКИТЕ И НЕГУВАТЕЛКИТЕ ДОБИЈА МИНИМАЛНА ПЛАТА, НО И ВЕТУВАЊЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕРодителите заедно со децата пред две недели протестираа пред Општина Струга. (Фото: СДК.МК)

    Децата во струшките градинки се згрижени од почетокот на оваа недела откако е избран директор во градинката „8 Март“, а дваесеттината негувателки и воспитувачки, кои со години се времено вработени и земаа 10 илјади надоместок без осигурување, ќе добиваат минимална плата со осигурување до крајот на годината. Тие добија и ветување дека од следната година ќе се бара и согласност за нивно вработување од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

    Негувателките и воспитувачките од градинките во Струга, во јануари годинава со протест побараа редовно вработување, но и по девет месеци проблемот не им е решен. Поради недостиг на персонал, пак родителите заедно со децата пред две недели протестираа пред Општина Струга.

    Градоначалникот на Струга Рамис Мерко вината ја префрли во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

    Оттаму пак велат дека вработувањата на стручниот кадар во „8 Март“ во Струга беше оневозможено поради неименување на директор од градоначалникот.

    „Инспекторите од Одделението за заштита на децата при Министерството за социјална политика, извршија вонреден инспекциски надзор во ЈОУДГ ‘8 Март’, Општина Струга и констатираа дека се згрижуваат деца со намален капацитет а градинката од 30.07.2024 година нема ниту вршител на должноста директор. Беше дадено укажување на Општината веднаш да постапи, бидејќи со настаната состојба е оневозможено тековното функционирање на предучилишната установа“, се вели во соопштението на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

    Родителите револтирани, не веруваат дека конечно овој проблем ќе се реши.

    „Искрено не се надевам дека ќе биде решен проблемот и претходно имаше разни ветувања а повторно се случува истата ситуација. Нова година стари проблеми”, вели родител Слободанка Јаулеска.

    Во струшките градинки дневно се згрижуваат над 500 деца, а Општина Струга со одлука на Советот од септември ја зголеми цената за престој во градинка од 1.500 на 2.000 денари.

    „Бараа да се покачи цената за во градинка од 1.500 на 2.000 денари, така одлучи Општината, никој не кажа ништо. Плаќаме 2. 000 денари, не е важна цената барем да ни ги вардат дечињата”, вели родител Беса Шеи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира