ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СТРУМИЦА ЌЕ ТРЕНИРААТ ОДБОЈКА

    ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СТРУМИЦА ЌЕ ТРЕНИРААТ ОДБОЈКАСо децата секој викенд ќе работат претставници од Специјалната олимпијада на Македонија и одбојкарките од клубот „Наковски волеј“. (Фото: СДК.МК)

    Децата со попреченост од Струмица ќе бидат  вклучени во активностите и тренажниот процес на одбојкарскиот клуб „Наковски волеј“, за поголема инклузија и интеграција во заедницата. Со нив, секој викенд ќе работат претставници од Специјалната олимпијада на Македонија, но и одбојкарките од клубот кои низ повеќе игри и вежби ќе ги насочуваат децата со попреченост кон спортувањето, физичката активност и одбојкарските техники.

    „Во државата многу малку се води сметка за вклучување на лицата со попреченост во спортските активности. Спортот е најинклузивното орудие преку кое може да се направи интеграција и социјализација на овие деца. Девојките од ‘Наковски волеј‘ одлично асистираат на децата кои преку еден час вежбање и спортување, многу подобро ќе се чуствуваат и на физички и ментален план“, вели Ана Петровска од Специјалната Олимпијада на Македонија, која верува дека ќе има слух и кај други спортски клубови и во другите градови во земјава да ги отворат своите врати и за децата со попреченост.

    Децата ќе имаат тренинзи за подобрување на моторичките вештини. (Фото: СДК.МК)

    Според планот, секој викенд децата со попреченост од Струмица во спортската сала на училиштето „Димитар Влахов“ ќе имаат едночасовни тренинзи за подобрување на моторичките вештини, но и за одбојка како колективен спорт.

    „Нашата цел е да се опфатат повеќе деца и да спортуваат во рамките на своите можности. Да бидат физички активни и да научат за одбојката. Клубот доби сертификат од Специјалната олимпијада на Македонија и се надевам дека сите родители ќе ги донесат на овие часови децата да вежбаат и спортуваат“, рече Анче Николова Туфекчиева од здружението на деца со Даунов синдром „Вера“.

    Одбојкарскиот клуб „Наковски волеј“ се натпреварува во првата женска одбојкарска лига на Македонија. Во него членуваат над 200 девојчиња од повеќе возрасти. Тренерот Хари Наковски смета дека е добра идеја неговите одбојкарки да тренираат и вежбаат со децата со попреченост.

    „Сакаме да покажеме дека сите сме еднакви. Ќе се потрудиме да дадеме максимум и овие деца да навлезат во спортот и одбојката и да бидат во најмала рака активни на теренот. Ако има интерес, зошто и да не направиме еден специјален тим кој ќе биде дел од специјални олимпијади“, кажа Наковски.

    В. ТРАЈКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари