ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ НА ПЕЛИСТЕР ДВЕ ГОДИНИ БЕЗ ДЕЦА

    ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ НА ПЕЛИСТЕР ДВЕ ГОДИНИ БЕЗ ДЕЦАСамо цртежите насликани на ѕидовите од големиот објект на одморалиштето кажуваат дека ова некогаш било весело детско збиралиште (Фото: СДК.МК)

    Спуштена рампа нѐ пречека пред некогаш најпопуларното и едно од најубавите детски одморалишта во земјава, „Пелистер“ на Баба Планина. Ова е втора година како тука не навраќаат деца за време на зимските, летните одмори и наставата во природа, а некогаш ги збираше по неколку стотици во една смена. Откако државата во изминатите години не успеа да го продаде, го остави да пропаѓа на забот на времето.

    Салата за игранки, каде многу генерации од цела Македонија ги имаа првите симаптии и го заиграа првото танго, денес е како да ја подгодила војна. Со скршени прозорци, раскопан паркет, уништен мебел (Фото: СДК.МК)

    Состојбата во која ѐ бара итно преземање мерки, во спротивно одморалиштето ќе замине во историјата на напуштените објекти од времето на социјализмот. Се протнавме низ  преминот до рампата. Наидовме на спортското игралиште каде пред дваесетина години се одигруваа клучните натпревари за најдобар спортист меѓу летувалците. Денес е со распукан асфалт, обраснат со треви, а трибината за публиката разрушена.

    Само цртежите насликани на ѕидовите од големиот објект на одморалиштето кажуваат дека ова некогаш било весело детско збиралиште. Денес ѕидовите на одморалиштето се распаѓаат, малтерот од балконите се рони, некои за заштита од крадци се преградени со решетки како да се  затвор. Не успеавме да влеземе внатре, врата беше заклучена. Пред влезот сѐ уште има прикачено детски литературни творби, а внатре низ стаклото се гледа старата телефонска говорница на која низ годините летувалците разговараа со родителите.

    Салата за игранки, каде многу генерации од цела Македонија ги имаа првите симаптии и го заиграа првото танго, денес е како да ја подгодила војна. Со скршени прозорци, раскопан паркет, уништен мебел.

    Спортското игралиште каде пред дваесетина години се одигруваа клучните натпревари за најдобар спортист меѓу летувалците, денес е со распукан асфалт, обраснат со треви, а трибината за публиката разрушена (Фото: СДК.МК)

    „Приоритетот на Баба се вика детско одморалиште ‘Пелистер’. И десет пати поважно е да се реновира тоа, дури и од планинарскиот дом ‘Копанки’ (кој изгоре  2013) и да се разјасни зошто е под клуч? Ова е местото на кое ја засакавме природата, ги имаме најраните спомени, место кое има стотици легла, ова е хотел кој мора да се реновира и модернизира. Ова е простор за ученици, место за семинари , погоден за подготовки на спортски екипи. Домот ‘Копанки’ во споредба со детското одморалиште беше со помал капацитет, место за чај и седенки, засолниште од невремето. Ни требаат модерни објекти, да не се залажуваме со семки“, вели битолчанецот Горан Пинза,  активист и туристички работник.

    Детското одморалиште беше изградено со пари од битолчани, од придонесите што ги плаќаа во социјализамот за детска заштита и образование. Беше пуштено во употреба во 1985, објект на неколку ката со стотици легла, соби со засебни балкони и тоалети, игралиште, сала за игранки, пространа менза, во срцето на националниот парк. Нејасно е како домот преминал во сопственост на Министерството за труд и социјална политика кое во минатото го издаваше под закуп. Добрите познавачи на состојбите велат дека со години државата не инвестирла да се постави ни една шајка во одморалиштето, па затоа денес објектот се распаѓа.

    Ѕидовите на одморалиштето се распаѓаат, малтерот од балконите се рони, некои за заштита од крадци се преградени со решетки како да се затвора (Фото: СДК.МК)

    Претходната власт се обиде да го продаде во четири наврати. Но, купувачи немаше , па секој пат цената се намалуваше. Последно беше понудено за 500.000 евра.

    По промената на власта, САКАМ ДА КАЖАМ.МК побара одговор Министерството за труд и социјална политика што планира да преземе за да се заштити од распаѓање одморалиштето. Ни беше одговорено дека целта им е да направат проценка на секое детско одморалиште во земјава што е под нивна надлежност и да ги стават во функција.

    „Во врска со детските одморалишта во земјава, согласно програмата на Владата, намерата е да се уредат сопственичките односи таму каде што истите се недефинирани и одморалиштата да се стават во употреба. Начинот на кој тие би се ставиле во употреба дополнително ќе се утврдува, откако ќе се направат проценки за секој објект поединечно. Одморалиштето Пелистер во изминатите  години  било ставено на продажба, но не се продало од причина што не се јавил ниту еден заинтересиран инвеститор за купување“, ни одговори Павлина Симоноска Арсиќ, од кабинетот на министерката за труд и социјална политика Мила Цароска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира