ДЕВЕТТЕ КУРШУМИ ВО ТЕЛОТО ГО СПАСИЛЕ ПАРТИЗАНОТ СРЕТЕН ТОФИЛОСКИ ДА НЕ ГО СТРЕЛААТ БАЛИСТИТЕ ПО БИТКАТА КАЈ БЕЛИЧИЦА ВО 1944

    ДЕВЕТТЕ КУРШУМИ ВО ТЕЛОТО ГО СПАСИЛЕ ПАРТИЗАНОТ СРЕТЕН ТОФИЛОСКИ ДА НЕ ГО СТРЕЛААТ БАЛИСТИТЕ ПО БИТКАТА КАЈ БЕЛИЧИЦА ВО 1944„Овој ѓаур кушум не го тепа, да се однесе на лечења па да се докрајчи после“, рекол озлогласениот балистички злосторник Џемо Хаса за ранетиот со 9 куршуми Сретен Тофилоски, еден од тројцата заробени партизани во битката кај Беличица гостиварско на 19 септември 1944; - Партизанските гробишта во Тетово каде се закопани посмртните останки од 21 партизан кои загинаа во битката, но нивните гробови најчесто стојат зараснати во трева и ретко се одржуваат. (Фото: СДК.МК)

    Масакрот во гостиварското село Беличица, кога на 19 септември 1944 година балистичките банди го нападнале Третиот тетовски партизански одред чии борци биле засолнети во селото, е еден од заборавените настани од Народноослободителната борба. Тетовецот Јовица Тофиловски, син на партизанот Сретен Тофилоски кој учествувал во битката кај Беличица, раскажува како татко му, иако бил ранет со девет куршуми во телото, сепак успеал да преживее и како се спасил да не биде стрелан од балистите.

    „Третиот тетовски партизански одред бил формиран во август 1944 година. Одредот го сочинувале неколкумина прекалени борци но имало и нови , млади борци кои штотуку му се приклучиле на одредот, па дури немале ни оружје. Одредот броел триесетина борци, но од нив само 13 имале оружје.  Бидејќи одредот сè уште бил слабо вооружен и опремен, добил задача да не влегува во отворени борби со фашистите и балистите кои го контролирале теренот, туку од Шар Планина да се упати кон слободната територија во Дебарца. Рано изутрината на 19 септември, после подолг марш, одредот влегол во селото Беличица да се одмори. Беличица важела за слободарско село, каде во текот на војната партизаните редовно наидувале на поддршка и засолниште од слободарското население. Но само што дошле во селото и се распоредиле по околните куќи, партизаните  увиделе дека селото од сите страни е опколено од околу 300 до заби вооружени балисти предводени од познатиот злосторник од тој крај Аќиф Речани, близок соработник на уште поголемиот злосторник Џемо Хаса. Започнала долга и нерамноправна борба“, вели Тофилоски кој со години го проучува и истражува ово настан.

    Местото на битката во гостиварското село Беличица (Архивска фотографија)

    Партизаните шест часа ги одбивале нападите на балистите бранејќи се себе и жителите на Беличица, но биле немоќни против многубројниот непријател и трпеле големи загуби. Во таа борба загинале и Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчески-Амбарче, кои по ослободувањето ќе бидат прогласени за народни херои,  како и уште неколку прекалени борци. Барајќи излез од тешката ситуација, преостанатите борци се решиле и по цена на животот да го пробијат обрачот. Во јуришот што го направиле само една помала група успеала да се извлече, на бојното поле останале 19 загинати и тешко ранети борци, а тројца биле заробени.

    „По ова балистите влегуваат во селото и прават масакр врз населението, при што палат и голем број куќи во селото. Се изживувале врз ранетите и загинетите партизани. Партизанот Саво Тасевски, иако бил тешко ранет, жив го врлиле во запалена куќа и стрелале во него, а жив измасакриран бил и партизанот Мурат Бафтијари од тетовското село Вејце. Ништо подобро не поминало ни локалното население, биле убиени 17 жени деца и стари од селото“, вели Тофилоски.

    Пренесувањето на посмртните останки од 21 партизан кои загинаа во битката на Беличица, кои се закопани на партизанските гробишта во Тетово (Архивска фотографија)

    Малата гупа партизани која успеала да го пробие обрачот брзо се прегрупирала и решиле повторно да се вратат во селото за да им помогнат на своите соборци. Кога балистите ги забележале партизаните помислиле дека тие доаѓаат со големо засилување и веднаш го напуштиле селото. Со себе ги понеле и тројцата заробени партизани.

    „Балистите во Беличица заробиле тројца партизани, Младен Симовски, Андреја Ристовски и татко ми Сретен Тофилоски. Од Беличица тие биле однесени првин во затвор во Гостивар, а утредента на 20 септемрви се донесени во тетовскиот затвор. Татко ми Сретен во борбите во Беличица е ранет со 9 прострелни рани од куршуми низ целото тело. Најмногу рани имал на вратот и телото. Во Гостивар бил донесен целиот облен во крв но уште бил жив, како да им пркосел и на балистите и на смртта. Од Гостивар наредниот ден биле префрлени во затворот во Тетово. Во Тетово дошол и главниот водач на балистите, надалеку познатиот злосторник Џемо Хаса, кој наредил целото македонско население од горниот дел на градот на сила да излезе за да гледа како ќе бидат стрелани заробените партизани. Додека заробениците се движеле по тесните тетовски улици во горниот дел од градот минувале низ шпалир од тетовци кои насила биле изнесени на улиците за да гледаат. Тука бил и дедо ми кој морал да гледа како неговиот син, сиот крвав и изрешетан од куршуми, го носат на стрелање. Тројцата партизани биле однесени во дворот на црквата ‘Св. Никола’ каде веќе бил построен водот за стрелање. Кога Џемо Хаса видел дека татко ми Сретен и покрај тоа што имал девет рани од куршуми, целиот облеан во крв и по два дена од битката сè уште е жив рекол: ‘Овој ѓаур кушум не го тепа, да се однесе на лечења па да се докрајчи после’. Така татко ми Сретен се спасил од стрелање. Неговите соборци Младен и Андреја биле стрелани во дворот на црквата пред очите на насобраниот народ. Татко ми бил однесен во болница каде успеал да се опорави, а Џемо Хаса не успеал, како што велел, после да го докрајчи,  бидејќи по еден месец Тетово било ослободено од фашистичко-балистичките окупатори. Џемо Хаса, како воен злосторник, бил гонет од тогашната ОЗНА и по една година бил убиен. Татко ми долго се лечел, лекарите успеале од неговото тело да извадат 8 куршуми, но еден никако можеле. Долги години потоа татко ми живееше со куршумот во телото. Знаеше по некогаш да каже, ‘еве го, чуствувам каке се движи низ моето тело’“, вели Тофилоски.

    Како сведок на еден значаен настан од народно ослободителната борба, Сретен Тофилоски често пати бил повикуван при одбележувањето на годишнината од битката кај Беличица да евоцира спомени и да држи историски час. Почина во 2010.

    „И покрај сѐ ова што му се случило, татко ми никогаш не кажал ниту еден лош збор против Албанците, напротив често се дружеше со нив, имаше многу добри пријатели меѓу нив, а и тие длабоко го почитуваа“ додава Јовица.

    Посмртните останки од 21 партизан кои загинаа во битката на Беличица се пренесени и закопани на партизанските гробишта во Тетово, но нивните гробови најчесто стојат зараснати во трева и ретко се одржуваат.

    Во Беличица подигнато е спомен-обележје за овој настан за кое се грижат жителите на селото. Бистите на народните херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче сè уште не се вратени на градскиот плоштад во Тетово од каде беа симнати. Во гостиварското село Стримница, пред неколку години беше подигнат и уште стои споменик на балистичкиот злосторник Џемо Хаса.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира