ЏАБЕ СЕ АКЦИИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ, НА КЕЈОТ СЛОБОДНО СИ ВЛЕГУВААТ КОЛИ ОТИ РАМПАТА ЈА НЕМА

    ЏАБЕ СЕ АКЦИИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ, НА КЕЈОТ СЛОБОДНО СИ ВЛЕГУВААТ КОЛИ ОТИ РАМПАТА ЈА НЕМАОд Град Скопје велат дека со реконструкцијата на кејот која ќе почне на почетокот на следната година и со уредување на просторот ќе се реши и проблемот со паркираните возила на тој потег. (Фото: СДК.МК)

    Рампата која треба да го спречи влезот на возила на Кеј 13 Ноември во Скопје ја нема. Лани во март, од Град Скопје ставија електронска рампа за да се забрани паркирање на кејот, а дозволен беше влез само за возилата на „Телеком“. Но, сега рампата ја нема, па преку цел ден слободно си влегуваат коли и камиони за дотур на роба и се паркираат среде шеталиштето.

    Џабе беа и акциите на Град Скопје и на Општина Центар, кои во септември најавија дека секојдневно ќе казнуваат за непрописно паркирање на кејот. Тоа траеше само неколку недели и сега повторно нема ниту инспектори ниту пајак служба. Кој сака си влегува и бесплатно се паркира на пешачка зона во строгиот центар на градот.

    Од Град Скопје велат дека со реконструкцијата на кејот која ќе почне на почетокот на следната година и со уредување на просторот ќе се реши и проблемот со паркираните возила на тој потег.

    „И покрај засилените контроли од градските инспектори и казни за непрописно паркирање, овој проблем не може да се реши целосно без да се интервернира со оградување на просторот“, велат од Град Скопје.

    Според тендерската документација, партерно ќе се уредува потегот од хотелот „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“. Предвидено е отстранување на старите и оштетени плочки, клупите, корпите за отпадоци, канделабрите, како и крајните жардинерите кои се еден вид ограда. Иста така, ќе се изврши демонтажа на постоечките летни тераси на кафулињата кои се располани по речиси целата ширина на кејот и повеќе наликуваат на објекти отколку на летни тереси. Дали потоа ќе бидат вратени тераси на кафулињата во иста или во друга форма, од Градот велат дополнително ќе се одлучи.

    Предвидено е да се отстрани и киоскот кој беше поставен на кејот во времето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ за продажба на сувенири, но никогаш не проработи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира