ЏАБЕ СЕ ПРСКА АВИОНСКИ, ТАКА НЕ СЕ УНИШТУВААТ КОМАРЦИТЕ И ЗАТОА СЕКОЕ ЛЕТО ГИ ИМА МНОГУ, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ ДАНИЛОВСКИ

    ЏАБЕ СЕ ПРСКА АВИОНСКИ, ТАКА НЕ СЕ УНИШТУВААТ КОМАРЦИТЕ И ЗАТОА СЕКОЕ ЛЕТО ГИ ИМА МНОГУ, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ ДАНИЛОВСКИГрад Скопје не се откажува од авионското прскање против комарци, кое до сега се вршеше неколку пати. (Фото: К. Попов)

    Залудно се врши авионско прскање против комарци, вели епидемиологот професор д-р Драган Даниловски. Според него, авионското праскање во населените места ги уништува само комарците во воздух, но не и ларвите. Па затоа, секое лето во Скопје врие од комарци, граѓаните се жалат на убоди и чЕшење, кои може да предизвикаат и алергиски реакции.

    „Авионското прскање не може да биде успешно и треба да се укине, затоа што ги уништува само оние комарци кои во моментот се во воздух. А, знаеме, постојат и ларви. Авионско прскање треба да се применува само во ненаселени подрачја или при елементарни непогоди. Во населените места е потребна дезинсекција со прскање од земја. Значи, треба да се смени стратегијата. Освен тоа, од суштествена важност е да се организира јавна едукативна кампања, за граѓаните да внимаваат да немаат застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. За лична заштита, треба да се користат репелентни средства“, вели д-р Даниловски.

    Климатските промени прават доминантен вид да биде тигрестиот комарец, кој ќе се шири надвор од сегашните географски граници. Овој комарец веќе покажува знаци на адаптација на постудени клими, што може да резултира со пренос на болести во нови области. Во Македонија првпат е докажан во 2016 година на границата со Грција. Сега веќе е доминантен вид, зашто, практично ги има потиснато другите видови комарци.

    „Карактеристично е што женките касаат по цел ден, а не како другите, само наутро и навечер. Исто така, за положување на јајцата не му се потребни големи површини застојана вода, туку доволни се и мали количини, на пример, во саксии за цвеќе, вазни, контејнери и автомобилски гуми, барички вода во дворот. Агресивен е и создава посилни алергиски реакции кај луѓето, отколку другите комарци“, додава Даниловски.

    Иако е малку веројатно дека овие комарци можат да пренесат егзотични болести кај нас, сепак, ќе предизвикуваат тешки непријатности, заради целодневното агресивно касање.

    „Затоа надлежните треба да знаат дека мора да се менува стратегијата за превентивната дезинсекција“, додава Даниловски.

    Град Скопје не се откажува од авионското прскање против комарци, кое досега се вршеше неколку пати. Оваа недела, според најавите од Градот, се врши прскање од земја. Но, и покрај прскањето во Скопје на лето има многу комарци, а граѓаните се жалат дека не се седи на отворено поради нивното агресивно касање.

    Последното истражување на Центарот за јавно здравје исто така покажа дека во Скопје има многу комарци оти авионското прскање не е ефикасно и треба да се врши дезинсекција од земја. Според извештајот, во земјава има регистриано присуство само на тигрест комарец, за разлика од Европа каде има 7 видови комарци. Последниве неколку години присутен е новиот вид инвазивен тигрест комарец којшто прави поголеми реакции при убодот.

    Зголемениот број комарци е очекувано нешто и се должи на глобалното затоплување, порастот на населението и урбанизацијата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира