ДИГИТАЛНИ МАРКАЦИИ ЗА 17 ПЛАНИНАРСКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ РУТИ ИМА НА НОВАТА ВЕБ-СТРАНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“

    ДИГИТАЛНИ МАРКАЦИИ ЗА 17 ПЛАНИНАРСКИ И ВЕЛОСИПЕДСКИ РУТИ ИМА НА НОВАТА ВЕБ-СТРАНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“Националниот парк „Пелистер“ е првата туристичка дестинација во државата што обезбедува ГПС-датотеки за навигација по речиси сите патеки и има сопствен профил на специјализираната платформа Outdooractive. (Фото: СДК.МК)

    Планинарите и велосипедистите кои го посетуваат Националниот парк „Пелистер“ отсега ќе можат полесно да се движат по планинските патеки со помош на дигитални маркации. На новата веб-страница на Паркот се достапни дигитални траси за 17 рути, од кои 13 се планинарски, а четири се велосипедски. Посетителите можат да ги преземат ГПС-датотеките на своите паметни телефони или ГПС-уреди и да ги користат за полесна ориентација и навигација по патеките.

    Со ова, НП „Пелистер“ е првата туристичка дестинација во државата што обезбедува ГПС-датотеки за навигација по речиси сите планинарски и велосипедски патеки и има сопствен профил на специјализираната платформа Outdooractive.

    „Направивме интеграција со специјализираната платформа Outdooractive наменета за планинари и велосипедисти, преку која корисниците ќе можат да пристапуваат до рутите директно или преку веб-страницата на Националниот парк. Достапни се дигитални мапи и траси, како и детални информации за рутите, висинските разлики и растојанијата. Секој корисник може да ја преземе ГПС-датотеката со рутата на својот паметен телефон или ГПС-уред и да ја користи за полесна навигација по патеката. Во иднина ќе го зголемуваме бројот на рути“, рече Петар Михајловски, информатичар, кој заедно со Андреа Соколовски и Националниот парк повеќе од една година работел на изработката на новата веб-страница.

    Директорот на Националниот парк, Иванчо Тошевски, се осврна на активностите реализирани во 2026 и на плановите за следната година. Тој посочи дека е унапреден мониторингот на видовите на Пелистер. Досега биле следени 84 видови со помош на околу 30 фотозамки, кои постојано се преместуваат на различни локации.

    Во соработка со Македонското еколошко друштво се спроведува и генетски мониторинг на кафеавата мечка, проект што ќе трае пет години. Првичните податоци за бројноста на мечката се очекуваат во 2027.

    Следната година ќе бидат достапни и резултатите од мониторингот на пелистерската пастрмка. Првичните сознанија покажале дека овој вид ја има и во Црвена Река на Пелистер.

    „За првпат по пет или шест години ќе спроведеме мониторинг на ендемичниот вид пастрмка кој живее во Брајчинска, Кранска и Лева Река. Последните следења покажуваат дека ја има и во Црвена Река, што е ново откритие за сите нас. Во 2027 ќе ги имаме податоците за бројноста и здравствената состојба на рибата“, рече Тошевски.

    Во Националниот парк досега се уредени 80 километри планинарски патеки, а целосно е обновен и видиковецот. До 7 ноември треба да завршат и работите на летниковецот на Јоргов Камен, како и уредувањето на Црвени Стени. Во тек е и уредувањето на Францускиот пат, кој во 2027 треба да биде промовиран и како велосипедска рута.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира