ДИРЕКТОРИТЕ ГИ ТЕРААТ НЕГУВАТЕЛКИТЕ И ВОСПИТУВАЧКИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ НАМЕСТО 6 ДА РАБОТАТ 8 ЧАСА, ВЕЛАТ ОД СОНК

    ДИРЕКТОРИТЕ ГИ ТЕРААТ НЕГУВАТЕЛКИТЕ И ВОСПИТУВАЧКИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ НАМЕСТО 6 ДА РАБОТАТ 8 ЧАСА, ВЕЛАТ ОД СОНКСогласно законот и колективниот договор, работата со деца во овие установи е регулирана на 6 часа за воспитувачките и 7 за негувателите. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК) денеска пред Министерство за труд и социјална политика кажа дека во градинките се прекршува колективниот договор и директорите ги тераат негувателките и вработените да работат по 8 часа. Како што кажа претседателот на СОНК Јаким Неделков, согласно законот и колективниот договор, работата со деца во овие установи е регулирана на 6 часа за воспитувачките и 7 за негувателите.

    „Инспекцијата при Министерството за труд и социјална политика не го почитува ова работно време и издава решенија до директорите со кои им наложува да го реорганизираат работното време и негувателките и воспитувачките да работат по 8 часа. Тие со деца треба да работат 6 односно 7 часа, а останатото време до 8 часа се регулира со посебен акт, со допонителни програмски активности. Сега тие бесцелно седат на работа, а повторно треба работата да ја завршуваат во домашни услови“, рече претседател Неделков, кој додаде дека во градинките не се почитуваат протоколите за ковид-19 и вработените немаат безбедни услови за работа.

    Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на ваквите обвинување и барања од СОНК одговори дека нема никакво зголемување на работното време на вработените во градинките.

    „Како министерка за труд и социјална политика, одговорно тврдам дека не се работи за никакво кршење на работничките права вклучително и за вработените во градинките. Нема зголемување на работното време, сѐ е согласно законот и никој не дал насока да се крши тоа право. Министерството нема испратено никаков допис во кој што наведува или дава насоки за прекршување на правата на вработените во градинките“, рече Шахпаска на отворањетопа  на градинка во Општина Брвеница.

    Министерката кажа дека не се планира затворање на градинките поради состојбата со ковид-19, бидејќи последниот неделен извештај покажува тенденција на пад на бројот на новозаразени како кај вработените така и кај децата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира