Директорот на Конзерваторски центар Константин Димитровски, кој треба да даде мислење дали може да се гради 17-катница до Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ која е заштитен објект, е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош. Димитровски како директор на Конзерваторски центар треба да го потпише стручното мислење, кое ако е негативно, Општина Карпош не може да издаде легална дозвола за градба. Истовремено, Димитровски зема паричен надоместок од Општина Карпош како член на Комисијата и тој веќе дал одобрение за урбанистичкиот проект за 17-катницата среде болнички комплекс, со 420 станови, во кои ќе живеат 2.000 жители и ќе има фрекфенција од најмалку нови 1.000 возила.
Димитровски за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека е член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош и смета дека нема никаков конфликт на интереси.
„Нема конфликт на интереси. Јас кога станав в. д. директор на Конзерваторски центар веќе бев член на Комисијата за урбанизам на Општина Карпош и тоа беше познато. Кога ќе се одлучува за издавањето на градежна дозвола јас ќе се изземам. Точно е дека сум потпишан и дека сум го одобрил урбанистичкиот проект, но тука се гледаат други параметри кои беа исполнети, односно за тој дел не беше потребно мислење на Конзерваторски центар“, ни изјави Димитровски.
Од Антикорупциската комисија за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека во наредниот период по допрен глас ќе го разгледуваат случајот на Димитровски дали има конфликт на интереси.
Според член 72 од Законот за спречување на судир на интереси „службеното лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да превземе мерки за негово одбегнување“.
Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола за овој дел, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар. Општината може да го потпише проекот и да даде градежна дозвола дури откако ќе биде одобрен од Конзерваторскиот центар.
Директорот Димитровски вели дека уште не е издадено мислење од Конзерваторски центар за зградата и дека се работи на тоа во моментов. Какво ќе биде мислењето ќе информира кога ќе биде готово.
Според пријавата што ја добивме на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, толку голема зграда не ги исполнува потребните услови и не може да добие позитивно конзерваторско мислење. Со тоа, Општина Карпош не смее да издаде градежна дозвола, а ако издаде тоа ќе биде спротивно на закон.
Исто така, во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат.
„Иако не станува збор за класични хелиодроми, такви во Македонија нема, тука станува збор за погодни локации коишто се користат како терен за вертикално полетување и слетување на воздухоплови во специјализирани услови, како што се итни медицински случаи или за потребите на службите за трагање и спасување. Во секој случај, околината на потенцијални терени за слетување на водухоплови во итни случаи треба да биде зачувана и заштитена од државата“, рекоа од Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Воена болница меѓу другото е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.
Со оглед на тоа дека земјава сега е членка на НАТО од Министерството за одбрана ни одговорија дека за овој случај се вршат дополнителни консултации.
„Во 2015 година до Министерството за одбрана е поднесено барање за согласност на урбанистичкиот план со кој на посочената локација е предвидена изградба на висококатница од 28 ката со подземни простории. Министерството во 2015 година издало согласност за оваа градба. Во октомври 2023 година, доставено е барање за согласност со услови за градба од аспект на безбедност во воздушниот сообраќај за објект станбена зграда на улица Никола Русински. Со оглед на тоа што безбедноста на воздушниот сообраќај не е во исклучива надлежност на Министерството за одбрана, во тек се дополнителни меѓуинституционални консултации“, велат од Министерството.
Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.
Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“.
А. АНТЕВСКА