ДИСПЛЕЈОТ ЗА ТЕМПЕРАТУРАТА И ВОДОСТОЈОТ ВО ОХРИДСКО ЕЗЕРО ДВЕ ГОДИНИ НЕ РАБОТИ ОТИ НЕМА ПАРИ ДА СЕ УСОГЛАСИ СОФТВЕРОТ

    ДИСПЛЕЈОТ ЗА ТЕМПЕРАТУРАТА И ВОДОСТОЈОТ ВО ОХРИДСКО ЕЗЕРО ДВЕ ГОДИНИ НЕ РАБОТИ ОТИ НЕМА ПАРИ ДА СЕ УСОГЛАСИ СОФТВЕРОТДисплејот не е расипан, но софтверот што го има треба да се усогласи со софтверот на автоматската мониторинг станица, бидејќи покажува различни вредности и го исклучивме за да не создава дополнителна забуна кај населението, велат Управата за хидрометеоролошки работи (Фото: СДК.МК)

    Две години не работи дисплејот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) на брегот на Охридското Езеро, кој ја покажува температурата на воздухот и водата, како и нивото на водостојот во Езерото, затоа што нема пари да се усогласат софтверите со автоматската мониторинг станица. Од УХМР велат дека дисплејот е исклучен бидејќи покажувал различни вредности од податоците што ги дава автоматската мониторинг станица, која се наоѓа во непосредна близина.

    „Дисплејот не е расипан, но софтверот што го има треба да се усогласи со софтверот на автоматската мониторинг станица, бидејќи покажува различни вредности и го исклучивме за да не создава дополнителна забуна кај населението. Сензорот од мониторинг станицата е така поставен за да не влијаат брановите на точноста на податоците за водостојот, додека пак на дисплејот и при појава на бранови се бележи како нивото на водата да пораснало многу повеќе“, вели Васко Стојов од одделението за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи.

    Тој вели дека дисплејот бил поставен во рамки на посебен проект кој го реализирале со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и дека установата во буџетот нема предвидено средства за негово сервисирање и одржување.

    „Податоците за температурата на водата, температурата на воздухот и водостојот ги мериме преку нашата мониторинг станица и на интернет се достапни за граѓаните. Проблемот со покажување различни вредности на дисплејот и од мерната станица ги забележавме уште пред две години и оттогаш е исклучен. Треба да се најдат средства за одржување и модернизација на софтверот“, вели Стојов.

    Тој додава дека водостојот во Езерото, со оглед на временскиот период и слабото количество врнежи, сепак е добар и е над просекот за овој месец.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира