ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“ Е НА 6,5 КМ ОД ВЛАДАТА, СЕДМИ ДЕН ГОРИ ИАКО ПОЖАРОТ Е ПОД КОНТРОЛА

    ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“ Е НА 6,5 КМ ОД ВЛАДАТА, СЕДМИ ДЕН ГОРИ ИАКО ПОЖАРОТ Е ПОД КОНТРОЛАТри лица добија 30 дена притвор откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги осомничи дека се одговорни за пожарот на дивата депонија „Вардариште“. (Фото: К. Попов)

    Пожарот на дивата депонија „Вардариште“ во скопската Општина Гази Баба е уште активен иако е под контрола, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Оваа дива депонија се наоѓа на само 6,5 километри од зградата на Владата во строгиот центар на Скопје.

    Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска рече дека деновиве се очекува да бидат готови резултатите од инспекцискиот надзор што се прави на депонијата „Вардариште“.

    „Веќе е испратен Инспекторатот на терен и ги чекаме резултатите. Врз основа на тоа, ќе одговориме“, изјави Меџити на промоцијата за субвенции на 200 електрини возила за таксисти.

    Депонијата се запали на 31 август, а со денови смрди од големиот пожар чии последици уште се чувствуваат низ неколку скопски општини. Кога избувна големиот пожар, од безбедносни причини исклучени беа далекуводите што ги напојуваат со електрична енергија населбите Аеродром и Лисиче и пет часа немааше струја.

    Продолжуваат и протестите на жителите на Аеродром кои секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се реши проблемот.

    Три лица добија 30 дена притвор откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги осомничи дека се одговорни за пожарот на дивата депонија „Вардариште“.

    Граѓанската Иницијатива O2 образложи дека за да се започне со санација на „Вардариште“, потребно е да се донесат преостанатите два ДУП за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3, од Општина Гази Баба. Само тогаш ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација на „Вардариште“. Овие два ДУПа се ставени дури во февруари годинава во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година на Владата. Изработката ја врши Агенцијата за планирање на просторот.

    „Сиве изминати години, децении, Општина Гази Баба го кочеше процесот со неносење на ДУП за „Вардариште“, иако се крајно едноставни и лесни за изработка. Сега ќе чекаме Агенцијата да ги изработи, па потоа да се изгласаат од Советот на Гази Баба“, велат од О2.

    Со денови смрди од големиот пожар чии последици уште се чувствуваат низ неколку скопски општини. (Фото: К. Попов)

    Од Иницијативата бараат итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште. За тоа е потребно Општина Гази Баба итно да ги изработи и донесе двата Детални урбанистички планови (ДУП) за ‘Вардариште’. Додека проектите не се готови, најитно да се изврши запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор. Транспарентно да се известува за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.

    Иницијативата потсетува дека за „Вардариште“ има изработена физибилити студија за санација од 2014, а останува да се види дали е потребна нова или ќе може оваа да се користи, останува да се види. Со физибилити студијата таму се предвидени голф терени, парк, расади со рози…

    Според изготвените документи од 2016 за Регионалниот план за управување на отпад – Скопски Регион, „Вардариште“ е планирано да биде претоварна станица каде ќе се носи отпадот од Гази Баба, Арачиново, Петровец и Илинден, па потоа од таму во Дрисла. Во исто време, општините Аеродром, Кисела Вода, Центар, Чаир и други општини ќе го носат својот отпад директно до Дрисла.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира