ДИВИ ПРОДАВАЧИ СИ ГО ЗЕДОА ЗАПЛЕНЕТИОТ ТЕКСТИЛ ОД БАГАЖНИК НА ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО ВО СТРУМИЦА, МВР ГИ БАРА ЗА ДА ОДГОВАРААТ КРИВИЧНО

    ДИВИ ПРОДАВАЧИ СИ ГО ЗЕДОА ЗАПЛЕНЕТИОТ ТЕКСТИЛ ОД БАГАЖНИК НА ПОЛИЦИСКО ВОЗИЛО ВО СТРУМИЦА, МВР ГИ БАРА ЗА ДА ОДГОВАРААТ КРИВИЧНОМВР соопшти дека вчерашната е дел од редовните акции како одлука на локалниот совет за превенција на Струмица. (Фото: Фејсбук)

    Струмичката полиција ќе ги идентификува сите улични продавачи и лица кои ја попречија нивната акција за сузбивање на нелегалната продажба на текстил во центарот на градот во која учествувале и пазарни инспектори. На социјалните мрежи излезе видео како улични продавачи се во вербална расправија со инспекторите и полицајците, а во еден момент насилно ја одземаат запленетата стока од полициското возило и бегаат по булеварот.

    МВР соопшти дека вчерашната е дел од редовните акции како одлука на локалниот совет за превенција на Струмица. По извршената контрола група на лица успеале од багажникот на полициското возило да земат дел од запленетата стока.

    „Во координација со Државниот пазарен инспекторат се спроведе акција на булевар ‘Маршал Тито’ во Струмица, при што била одземена текстилна стока од таквите диви продавачи на текстил.Но групата продавачи презеле дејствија со цел насилно да ја одземат стоката. Секторот за внатрешни работи Струмица презеде мерки за утврдување на идентитетот на сите лица учесници во настанот и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради кривично дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, соопшти МВР.

    Последниве три месеци полицијата и пазарната инспекција постојано се во контрола и ги спречуваат обидите за улична продажба за која струмичани постојано реагираат бидејќи се сконцентрирани на тротоарите во централното градско подрачје, буквално пред легални дуќани за текстил. На локалниот совет за превенција во декември минатата година, сите институции се сложија дека ќе мора да се санкционираат уличните продавачи на текстил и зеленчук и тие да се насочат кон пазарите за таа намена

    ,,Донесовме одлука ваквите акции да продолжат секојдневно на булеварот и уште од раните утрински часови да се спречат дивите продавачи да ја постават својата стока за продавање, бидејќи се покажа дека на овој начин ефектот е позитивен“, кажа при носењето на одлуката градоначалникот Костадин Костадинов.

    За првиот месец од годината, при контролите беа изречени 20 прекршочни и две кривични пријави на лица кои продавале текстил и зеленчук на сообраќајни и јавни површини.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира