Националната комисија за УНЕСКО на Македонија и Националниот парк „Галичица“ преку посебен софтвер направиja скенирање на охридското крајбрежје по што ќе се утврдуваат дивоградбите, кажа министерката за култура и претседателкa на Националната комисија Бисера Костадиновска-Стојчевска викендов во Вевчани.
На новинарско прашање за градежните активности на струшкото крајбрежје, Костадиновска-Стојчевска кажа дека ќе се постапува според она што ќе покаже состојбата на терен.
„Направено е скенирање на целиот терен во Oхридско-Струшкиот Ррегион и ќе утврдиме што се дивоградби во Општина Струга што не, независно од тоа што изјавува Општина Струга“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката додаде дека до Националната комисија за УНЕСКО имало доставено неколку предмети, но и покрај притисоците и инсистирањето дека во Општина Струга треба да има градби на одредени места, се постапило согласно закон и одлуките на Комисијата.
„Колкав и да беше притисокот и инсистирањето дека во Општина Струга треба да има градби на одредени места, за она што кажа Комисијата дека не треба така и се постапи. Не само градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца што кажуваат, секаде каде што имаме заштитени споменични целини и каде што има право на одлучување Управата за заштита на културно наследство се постапува по закон, не се постапува ништо спротивно од закон“, рече министерката.
Најголем дел од ингеренциите, според министерката за култура, се на Општините Охрид, Струга и Дебрца.
Во текот на февруари, во земјава мониторинг комисија на УНЕСКО ќе утврдува на терен колку се исполнети од препораките за заштита на Охридскиот Регион. Токму поради забелешките од Националната комисија на УНЕСКО повлечен е од собраниска процедураи законот за легализација на бесправно изградените градби.
С. ВРЕНЦОВСКА