ДНЕВНО СЕ ИСПРАВНИ 185 И ВОЗАТ САМО 157 АВТОБУСИ ОД ВКУПНО 341 НА ЈСП „СКОПЈЕ“

    ДНЕВНО СЕ ИСПРАВНИ 185 И ВОЗАТ САМО 157 АВТОБУСИ ОД ВКУПНО 341 НА ЈСП „СКОПЈЕ“Во моментов, ЈСП располага со само 341 автобус, од кои дневно се исправни само 185, а од нив во работа се пуштаат 157 на сите градски и приградски линии. (Фото: К. Попов)

    Само за десет години, бројот на превезени патници со автобусите на ЈСП „Скопје“ е намален за 30 милиони годишно, односно во 2015 се возеле 52 милиони патници, сега само 22 милиони. Континуирано се намалува и бројот на автобуси на ЈСП во последните десет години. Од вкупно 341 автобус, дневно се исправни 185, а во работа се пуштаат само по 157 автобуси дневно. Овие го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) спроведено врз основа на податоците преземени од годишните извештаи на Јавното сообраќајно претпријатие, како и од податоците добиени од претпријатието врз основа на слободен пристап до информации од јавен карактер.

    „Бројките за бројот на автобуси со кои располага ЈСП ‘Скопје’, за исправните автобуси и за автобусите што дневно се во функција укажуваат на алармантна состојба со капацитетите на ова претпријатие што го обезбедува јавниот автобуски превоз во главниот град. Во моментов, ЈСП располага само со 341 автобус, од кои дневно се исправни само 185, а од нив, во функција, односно во работа се пуштаат 157 автобуси на сите градски и приградски линии. Сите овие бројки се драстично помали во однос на состојбата од пред 10 години, и константно се намалуваат секоја измината година“,  се вели во истражувањето на ЦГК.

    За разлика од сегашните 341 автобус, во 2015 година имало 430 автобуси, односно 89 автобуси повеќе од денес.

    Состојбата е најлоша, кога станува збор за исправните автобуси. Ако во 2015 година имало дневно исправни 316 автобуси, сега има за 40 % помалку, односно 185 автобуси.

    Слична е и состојбата со бројот на автобуси што секој ден се пуштени во сообраќај, како што ги означува ЈСП во своите извештаи и статистики. Ако во 2015 дневно имало по 213 автобуси во работа, сега во работа има само по 157 автобуси дневно.

    Како што се намалува бројот на автобуси, на исправни автобуси и на автобуси што сообраќаат дневно, така се зголемува староста на автобусите на ЈСП. Во моментов, просечната старост на автобусите изнесува 13,3 години и таа е во постојан пораст од 2021 година наваму.

    Двете намалувања на просечната старост во последните 10 години се во 2020 година, кога се набавени 33 автобуси од марката „МАН“ и минимално намалување во 2021 година, кога се отпишани постарите автобуси од марката „Санос“. Најстари, по 30 години, се десетте автобуси од марката „Санос“, набавени уште во минатиот век, а по 13 години веќе имаат и кинеските украинските автобуси.

    Најнови се шесте еколошки автобуси од турската марка „БМЦ“, донација од Европската Унија од 2025 година.

    Поврзано со староста, најголем дел од автобусите на ЈСП Скопје, односно 63 % имаат еколошки стандард Еуро 5. Највисок стандард, односно Еуро 6 имаат само 12 % од автобусите, односно оние од марката „МАН“, набавени пред 5 години и турските „БМЦ“, лани донирани од ЕУ. Другите 24 % од автобусите имаат најнизок еколошки стандард Еуро 4.

    Најголем број од автобусите што ги има ЈСП се од кинеските „Јутонг“, дури 210, односно 62 % од сите автобуси. Следни според бројност се украинските „Лаз“, од кои има 64 автобуси, односно 19 %. Дури на трето место, со само 10 %, односно вкупно 33 автобуси има од поновите „МАН“, од кои 21 се единечни и 12 се зглобни.

    Како резултат на ваквата состојба со автобусите, бројот на патници е повеќе од преполовен само за десет години. Иако падот се случувал и пред кризата поради ковид-19 кога само за една година ЈСП загубило скоро 23 милиони патници, сепак поновиот пад на бројот на патници се случува после 2023 година. Имено, во 2024 година бројот на годишно превезени патници е намален за скоро 6 милиони, а во 2025 година за дополнителни 3 милиони.

    Интересно е што само од кризата со ковид-19 наваму, бројот на патници што годишно се возат во автобусите на ЈСП Скопје е намален за повеќе од 22 милиони патници.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира