До една од скапите владини инвестиции, до Македонско село на Водно, се стигнува преку разлеани фекалии. Владата вложи околу 6,5 милиони евра во ново село, кое е означено како комплекс со четири ѕвезди, но не го реши деценискиот проблем со фекалната канализација во Горно Нерези. По патот постојано тече вода, за која локалните жители велат дека е од канализацијата. За овој проблем тие алармираат кај надлежните веќе втора деценија, а во дописите до институциите упорно бараат и контејнери за ѓубрето, водовод, струја со напон како во останатите делови на Скопје и соодветен градски превоз.
„Како жители на Горно Нерези веќе подолго време имаме комунални проблеми. Немаме каде да го фрламе ѓубрето, немаме градски водовод, електричната енергија е со слаб напон и ни прегоруваат апаратите, немаме градски превоз. Последно нешто со кое сме принудени да се справуваме е затнувањето на одводната канализација и излевањето фекалии по патот што најверојатно е од лошата изведба при последната реконструкција на патот и пообилното користење на канализацијата по отворањето на Македонското село. Неколку пати се обраќаме до надлежните институции во Општина Карпош во Град Скопје, и во полиција поради зачестените кражби, но никогаш досега не сме добиле одговор, ниту некаква повратна информација“, се пожалија жители на Горно Нерези.
Од Град скопје велат дека постојано работат на подобрување на условите за живот во Горно Нерези.
„Град Скопје е запознаен со проблемите на жителите од Горно Нерези и добар дел од нив можат да се решат преку спроведување квалитетни решенија при реализација на ДУП од страна на општинските власти. Онаму каде што директно е надлежен Градот, се прават напори да се изнајдат решенија за подобрување на условите за живот на овие наши сограѓани. Пред извесно време, пробно, стратуваше новата автобуска линија број 28 и по утврдување на сообраќајната издржаност на овој проект, ќе продолжи со редовна работа. За собирање на домашниот отпад, Општината треба да иницира ЈП’Комунална хигиена“ да го собира сметот, доколку месната заедница и граѓаните склучат договор со претпријатието. Сите градски јавни претпријатија задолжени за сервисирање на комунални услуги, постојано им се достапни и на граѓаните од Горно Нерези за интервенции на мрежата, патот или пак за друг вид услуга“, велат од Град Скопје.
И покрај посочувањето од Градот дека Општината е надлежна за повеќе проблеми, од Карпош се огласија само за фекалната канализација.
„По пријавениот проблем до Општината за излевање на фекална вода од канализацијата по асфалтот службите од Општина Карпош успешно ја санираа штетата“, велат од Општина Карпош.
И покрај уверувањата од Карпош дека ја поправиле штетата, по асфалтот се уште се разлева фекалната канализација.
Патот кој ги поврзува Средно и Горно Нерези е долг 2.930 метри. Го изгради Агенцијата за државни патишта со 16,7 милиони денари, пари обезбедени од Светска банка, а изведувач на градежните работи беше „Бетон“.
Остана нереализирана и најавата на Карпош за улично осветлување на патот, што беше најавено како еден од клучните проекти на Општината за 2010 година. Осветлување има само неколку метри по патот, но во Горно Нерези, останатиот дел, вклучително и големите кривини, се во црна темница.