ДО НОВА ГОДИНА УЛИЦАТА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ЌЕ СТАНЕ БУЛЕВАР, СО ШТО ЌЕ СЕ РЕШИ МЕТЕЖОТ ВО СЕВЕРНИОТ ДЕЛ НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    ДО НОВА ГОДИНА УЛИЦАТА БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА ЌЕ СТАНЕ БУЛЕВАР, СО ШТО ЌЕ СЕ РЕШИ МЕТЕЖОТ  ВО СЕВЕРНИОТ ДЕЛ НА СКОПЈЕ, РЕЧЕ ШИЛЕГОВГраѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот Словенија, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош. (Фото: Град Скопје)

    Град Скопје денеска почна со изградба на втората фаза од новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, на потегот од крстосницата со булеварот Христијан Тодоровски Карпош до крстосницата со улицата  Бутелска. Првата фаза од проширувањето на оваа улица на потегот од Словенечка до улицата Бутелска почна пред година и половина и тој дел сѐ уште се гради поради инфраструктурни проблеми на кои се наишло при пробивање на трасата.

    Градоначалникот Петре Шилегов денеска на почетокот градежните работи од втората фаза кажа дека сега со засилено темпо ќе се работи двете делници, при што очекува и ќе настојува кај изведувачот до Нова година од Словенечка до крстосницата кај новиот булевар Христијан Тодоровски-Карпош да се вози по булевар наместо по тесна улица со оштетен асфалт.

    „Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот Словенија, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош. Со тоа го реализираме она што го зборувавме со граѓаните во текот на кампањата, да почне да се формира северниот секундарен прстен околу градот. Градот Скопје нема алтернатива освен да гради добра инфраструктура за да го подобри развојот. Некогашната улица Босна и Херцеговина е изградена пред 40-на години, од тогаш асфалтот не е променет, а улицата беше широка само 7 метри“, рече Шилегов.

    Булеварот ќе биде со ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски  и две пешачки патеки и централно и странично зеленило. Според Шилегов тоа ќе овозможи развој на градот во наредните триесетина години.

    Изградбата на втората фаза на булеварот чини 1,6 милиони евра. Првата фаза чини 2,6 милиони евра или вкупно реализацијата ќе чини 4 милиони евра

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира