ДОДЕКА ДА СЕ ИСПЛАНИРА ГРАДБАТА НА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, ИСТ ПРОЕКТ ВО ЗЛАТИБОР ЌЕ СТИГНЕ ДО МИЛИОН ПАТНИЦИ

    ДОДЕКА ДА СЕ ИСПЛАНИРА ГРАДБАТА НА ГОНДОЛА НА ПЕЛИСТЕР, ИСТ ПРОЕКТ ВО ЗЛАТИБОР ЌЕ СТИГНЕ ДО МИЛИОН ПАТНИЦИНа Пелистер, најубавите дестинации како Јоргов Камен, Црвени Стени, Видиковец, Болници, Антена, Пелистерските Очисе достапни само за оние со добра кондиција, зашто се стигнува само по планинарски патеки. (Фото: СДК.МК)

    Дури 15 години беа потребни на Златибор да се изгради Златната гондола, која планината ја стави на првото место од листата со туристички атракции во Србија. Идејата ја иницира општината Чајетина, слично како Битола сместена во подножјето на планината. Иако шест пати помала по број на жители, со околу 16.000 граѓани, оваа мала општина во јузгозападна Србија успеа на модерен начин, без големи интервенции врз природните убавини да се поврзе со познатиот ски-центар Златибор со гондола премостувајќи ги деветте километри оддалеченост.

    Реализацијата на проектот за Златна гондола во Златибор траеше 15 години, во 2015 беше ставен камен темелник, а во 2020 беа пуштени првите кабини на тестирање., а на 11 јануари 2021 се превезоа првите патници. (Фото: Општина Чајетина)

    По предлог на советникот Иван Чулакоски од независната граѓанска иницијатива Поинаку, Советот на Општина Битола прифати во 2024 и 2025 година да издвои 65.000 евра за изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на Пелистер. Тоа е само почеток, во иднина ќе треба многу работа, пари и дозволи за идејата да не остане само на хратија, како што се случи со проектот од минатиот век за ски-центар на Орлови Бари на Пелистер.

    Директорката на Јавното претпријатие „Голд гондола Златибор“, Бојана Божаниќ, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека и кај нив идејата е од минатиот век, а реализацијата на проектот траела 15 години. Сепак, за три години работа гондолата се доближува кон милион превезени патници.

    Гондолата на Златибор годишно превезува 300.000 патници. Понудата е збогатена со бранч во воздух, романтично патување, кино на отворено, работилници, музички вечери. (Фото: Општина Чајетина)

    „Патот од идеја до реализација беше тежок и полн неизвесност. Идејата датираше од средината на минатиот век, кога општинско раководство сакаше воздушно да го поврзе Златибор со врвовите Торник и Чигот. Во почетокот на 2000-тите почна интензивно да се работи на идејата. Во 2006 година се изработи идејно решение, следуваа посети на познати европски туристички центри од каде искуствата помогнаа во изработка на проектот. Во 2012 имаше тендер за набавка на опрема, а година подоцна потпишан договор со францускиот произведувач ‘Пома’. Поради бирократија се почека уште две години за работа на терен. Во 2015 беше ставен камен темелник, а во 2020 година беа пуштени првите кабини на тестирање. На 11 јануари 2021 година се превезоа првите патници“, вели Божаниќ.

    На Пелистер, и оваа зима остана тесниот асфалтен пат, единствената сообраќајна врска со дел од туристичките локации. (Фото: СДК.МК)

    Гондолата годишно превезува 300.000 патници. Понудата е збогатена со бранч во воздух, романтично патување, кино на отворено, работилници, музички вечери.

    „Таа е најголемиот проект на Чајетина кој ги помести стандардите на туризмот на Златибор и во регионот. Незамисливо е да дојде турист, а да не се качи на гондолата. Инспирира неколку околни туристички центри да градат гондоли. Ним од голема помош им се нашите совети“, вели Божаниќ, која изрази надеж дека ќе послужат како добар пример за заживување на туризмот на Пелистер.

    Планираат да пуштат уште два крака од гондолата, едниот кон Пробојска Бања во должина од 14,7 километри, за што државата обезбеди пари.

    Кај нас, пак, допрва идејата треба да се стави на хартија. Советникот Чулакоски вели дека пелистерската гондола може да тргнува од просторот кај некогашната живинарска фарма „Дихово“ под Пелистер, каде би се направил голем паркинг на државно земјиште. Таа нема да биде жичница за скијање, туку линиски превоз до неколку дестинации на планината, можно е и до врвот Антена, ако се предвиди со проектот, со неколку папатни станици до Молика или Инфоцентарот, што ќе значи развој на цела планина.

    Сепак, дел од планинарите сметаат дека времето за масовен туризам Пелистер го испушти и дека е неопходен развој на авантуристички и искуствен туризам; – Мало Езеро. (Фото: СДК.МК)

    Но, Чулакоски се прашува дали и покрај издвоените средства, постои волја кај општинските власти за реализација?

    „Остануваат парите издвоени за студијата. Но, како и сѐ друго во Општината, иако и за многу други проекти биле издвоени средства, нема реализација поради немање волја и желба кај општинската администрација и кај раководството во Општината. Од друга страна, имам и некакво чувство дека кон ова гледаат со некаков потсмев. Не го сфатија сериозно иако едногласно беше поддржано од сите советнички групи во Советот. Ако ја оставиме работата сама на себе, нема да се тера. Јас не се откажувам, треба што поскоро да се почне“, вели Чулакоски.

    Додава дека ќе побараат поддршка од државата и од одговорни комапании, како на пример ЕСМ, кои помогнале за жичницата на Попова Шапка, тоа да го направат и за Пелистер. Со тоа, вели, ќе возвратат за загадувањето што битолчани го трпат од РЕК, а за граѓаните посетите на Пелистер ќе имаат и здравствена корист.

    Од Општина Битола соопштија дека со внесувањето на проектот во развојната програма, јасна е согласноста на општинското раководство за отпочнување на постапка и прифаќање на иницијативата на Чулакоски. Иако, како што велат, останува нејасно дали со тоа што советниците од Поинаку не гласаа за буџетот на Општина Битола, се откажуваат и од овој нивен предлог.

    „Согласно Програмата за развојни планови на Општина Битола за периодот од 2024 до 2026 година, предвидена е изработка на физибилити студија и техничка документација за изградба на гондола на потег од Дихово до врв Пелистер. За овој проект планирани се 4.000.000 денари, поделени во две години, со што ќе може да се обезбедат неопходните податоци за реализација (дали и како е изводлив проектот), што ја вклучува и вредноста на проектот и основните насоки за изработка на проектната програма“, велат од Општина Битола.

    Сепак, дел од планинарите сметаат дека времето за масовен туризам Пелистер го испушти и дека е неопходен развој на авантуристички и искуствен туризам.

    И оваа зима остана тесниот асфалтен пат, единствената сообраќајна врска со дел од туристичките локации на Пелистер. Широк 4 метри, во зима е дополнително стеснет зашто не е докрај исчистен од страните, па возилата одвај се разминуваат.

    На ски-патеката „Копанки“ нема доволно снег за скијање. Најубавите дестинации како Јоргов Камен, Црвени Стени, Видиковец, Болници, Антена, Пелистерските Очи остануваат достапни само за оние со добра кондиција, зашто се стигнува само по планинарски патеки. Низ нив бројот на планинари не е голем.

    Затоа, пак, паркингот поред реновираниот хотел „Молика“ е преполн со возила. Најатрактивната понуда што ја има Пелистер оваа зима за повеќето гости е посета и ручек во хотелот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира