Лауреатот на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2026“ во Куманово, актерот Игор Џамбазов, синоќа ја прими наградата „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарската уметност во областа на комедијата. Заблагодарувајќи се за признанието, тој кажа дека е чест да се добие награда што го носи името на човекот што лично го познавал и бил најдобар другар на дедо му Петре Прличко.
„Васил Иљоски и дедо ми Петре беа големи другари, седеа во Клубот на уметниците во Скопје, и бев присутен на една од нивните последни средби. За жал, двајцата нѐ напуштија во две недели, за само 15 дена си заминаа во 1995. Имам прекрасни спомени за тој човек и пресреќен сум што можам да кажам дека како петогодишно дете играв едно од децата на свадбата на ‘Чорбаџи Теодос’, а како веќе оформен актер го играв Бошко во Драмскиот театар во Скопје, некаде по Втората светска војна, пред 40 години“, се пошегува Игор откако ја прими наградата.
Тој додаде дека дедо му Петре знаел да каже оти штом ќе ти дадат награда за животно дело значи дека си готов, но тој најави дека откако ќе се пензионира ќе продолжи активно со својата работа.
„Само јас сè уште не се давам, другата година ќе одам во пензија и веројатно ќе бидам најактивниот пензионер во Македонија. Сѐ уште сум активен, сѐ уште ме држат нозете, сѐ уште ги сакам кумановци и знам дека и тие ме сакаат мене. Нема да ја пропуштам оваа прилика да кажам дека сум играл со сите големи куманоски актери, Илија Струмениковски, Драгиша Димитриевски-Шипе, Живко Пешевски, Љубица Гојковиќ, Сашко Коцев, Тони Михајловски“, кажа Џамбазов.
Тој средствата од наградата ќе ги донира за помош на девојче од Куманово кое има здравствени проблеми и треба да замине на лекување во странство.
На отворање на фестивалот премиерно беше играна претставата „Смрт на погреб“, во режија на Ненад Витанов, во изведба на Кумановскиот театар. Тоа е црна комедија која публиката ја насмеја до солзи и доби огромен аплауз. Со одлична и бројна актерска екипа, претставата има брзо темпо и многу хумор.
Во претставата играат Жарко Јовановиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички, Горан Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никица Јанковски и Мирослав Петковиќ.
Режисерот Витанов вели дека е задоволен што претставата го отвори фествалот и ја освои публиката.
„Идејата ни беше да направиме една брза динамична комедија, која третира еден момент кој е составен дел од животот и некогаш ќе нѐ пречека сите нас. Претставена е низ духовитата страна на гледање на животот и дека и во најтрагичните моменти има нешто смешно. Тоа смешно вечерва го изнесовме на сцената и јас сум задоволен“, кажа Витанов.
Фестивалот продолжува вечерва со претставата „39 степеника“ на Народното позориште од Источно Сараево, утре е „Болва в уво“ на Драмскиот театар од Скопје. Потоа и претставите „Покондирена тиква“ на Народното позориште од Приштина, „Кљукана династија“ на Народното позориште од Ниш, „Кревет за двајца“ на Сатиричниот театар од Софија, „Сладолед за жени“ на Штипскиот театар, „Првиот господин“ на Албанскиот театар од Скопје, „Аматери“ на Театар Комедија и „Секстет“ на Битолскиот театар.
Сите претстави ќе се играат на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, со почеток во 20 часот.
С. НИКОЛИЌ




