Општина Дојран бара од Владата да донесе одлука за забрана за престој на домашни и странски лица во ова општина кои по лични документи не се жители на ова општина за време на вонредната состојба. Ваква одлука донел општинскиот Совет по препорака на локалниот совет за превенција и општинскиот штаб за заштита и спасување, откако во изминатиот период локалните власти констатирале зголемен број на лица кои дошле во викендиците и покажале интерес да престојуваат во Дојран за време на пандемијата на КОВИД-19.
„Одлуката е донесена поради тоа што во последно време имаме голем број на луѓе кои доаѓаат во приватните викенд куќи, меѓутоа и лица кои бараат сместување во приватните капацитети во овој период. Сакам да напоменам дека издавачите на приватни капацитети треба да знаат дека во овие кризни моменти треба да останат приземни и да ги почитуваа владините мерки за да се заштитиме и да го намалиме бројот на миграција од други населени места кои доаѓаат во Дојран“, истакна градоначалникот на Дојран Анго Ангов.
За да се намали раздвиженоста во ова туристичко место, општинските власти од поодамна донесоа одлука за забрана за движење по сите зелени и рекреативни зони и туристички патеки кои беа едни од најпосетуваните места посебно за викендите. Затворени се и детските игралиште и спортските терени во Дојран а со одлука на Владата уште на почетокот на кризата затворен е и ГП Дојрани.
В. ТРАЈКОВ