ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО Е ПРЕД НОВА ЕКОЛОШКА КАТАСТРОФА ОТИ ВЛАДАТА ИАКО ВЕТИ, ЕДНА ГОДИНА НЕ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ДА ГО САНИРА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“

    ДОЈРАНСКОТО ЕЗЕРО Е ПРЕД НОВА ЕКОЛОШКА КАТАСТРОФА ОТИ ВЛАДАТА ИАКО ВЕТИ, ЕДНА ГОДИНА НЕ НАЈДЕ ПАРИ ЗА ДА ГО САНИРА ХИДРОСИСТЕМОТ „ЃАВАТО“Поради сушниот период и нефункционирање на хидросистемот „Ѓавато“, водата е неколку метри повлечена од плажите, што е закана за уништување на биодиверизитетот во езерото.(Фото: СДК.МК)

    Итно да се стават во употреба функционалните пумпни станици од хидросистемот „Ѓавато“ и да се полни Дојранското Езеро, апелира градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов, откако нивото на водата во езерото, како што кажа тој,  падна на речиси еден метар од дозволениот минимум. До пред две години водата беше до кејот и преливаше вдолж пешачката патека, а сега е неколку метри повлечена од плажите, што  закана за уништување на биодиверизитетот во езерото.

    „Поради сушниот период и нефункционирање на хидросистемот ‘Ѓавато’, нивото на водата во езерото постојно се намалува. Пумпните станици и во моментов не работат, а дотур на вода е потребно бидејќи на овие температури езерото постојано испарува. Иако лани на седница на Владата помина информацијата за Министерството за животна средина да обезбеди пари за санација на системот и да го пушти во употреба, ниту во првичниот ниту во ребалансот на Буџетот не се обезбедија средства за ‘Ѓавато’“, вели Ангов.

    Лани во ноември, министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити соопшти дека се пуштаат три техничко исправни пумпи од хидросистемот „Ѓавато“ со капацитет од 200 литри во секунда. Кажа дека се потребни околу 700 литри, бидејќи вода од овој систем користат и земјоделци.

    „Тоа што го слушам не е голем паричен товар за Министерството за да се најде решение корисно и за земјоделците и за езерото“, кажа Меџити на 9 ноември 2024.

    Пред неколку дена, премиерот Мицкоски се обиде да ја омаловажи новинарката која го праша што станува со системот „Ѓавато“ од каде треба да се напојува Дојранското Езеро, одговарајќи ѝ со прашање: „Дали сте виделе вие дека не работи?“, па се сврте на другата страна и рече: „Друго прашање?“.

    Отворениот канал низ кој се врши дотур на вода во Дојранското Езеро од „Ѓавато“ е празен. (Фото: СДК.МК)

    Отворениот канал низ кој се врши дотур на вода во Дојранското Езеро од „Ѓавато“ е празен. По него не тече ниту капка вода. Така е веќе со денови, велат жители на Дојран кои имаат ниви во непосредна близина. Други, пак, кажаа дека овие денови се очекува повторно да протече вода, оти се работело на санација на цевководот кој на неколку позиции е оштетен и дотраен. Дел од пумпите биле пуштени завчера и водата стасала до селото Црничани, но по појавата на дефектите морало да се интервенира, па пумпите биле исклучени.

    „На системот воопшто не е интервенирано откако се изгради во 2002. Станува збор за цевковод долг околу 22 километри кој на неколку позиции е оштетен. На линија има и диви приклучоци од земјоделци кои си наводнуваат земјоделски површини.  Треба целосна санација и реконструкција на цевководот, а паралелно да се набават и нови потопни пумпи и конечно некој да води грижа за целиот систем, кој во моментов е под директна ингеренција на Министерството за животна средина и нема соодветен правен статус“, велат поранешни вработени од „Ѓавато“.

    По повлекувањето на водата се појавија нови неуредени плажи. (Фото: СДК.МК)

    Од Министерството за животна средина конкретно не кажаа кога ќе се врши реконструкција на цевководот што носи вода од „Ѓавато“ Општина Богданци до Дојранското Езеро. Соопштија дека е во тек постапка за изработка на проект за рехабилитација кој ќе ги даде и одговорите колку пари се потребни за негова реализација.

    Хидро-мелиоративниот систем (ХМС) „Ѓавато“ е изграден во 2002 за полнење на Дојранското Езеро за да се спречи еколошка катастрофа. Овој систем се користи и за дотур на вода во браната „Паљурци“ кај Богданци, а на него легално или на диво се приклучени и повеќе правни и физички лица кои ги наводнуваат своите плантажи и ниви.

    В. ТРАЈКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира