ДОМАШНИТЕ МЕНАЏЕРИ ВО СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ СПРЕЧУВААТ СИНДИКАЛНО ЗДРУЖУВАЊЕ, А ТРУДОВИТЕ ИНСПЕКТОРИ ИМ ПОМАГААТ, СЕ ЖАЛИ СИНДИКАТОТ

    ДОМАШНИТЕ МЕНАЏЕРИ ВО СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ СПРЕЧУВААТ СИНДИКАЛНО ЗДРУЖУВАЊЕ, А ТРУДОВИТЕ ИНСПЕКТОРИ ИМ ПОМАГААТ, СЕ ЖАЛИ СИНДИКАТОТТрудовиот инспекторат не треба да избегнува да ги казни овие кои два три пати ја повторуваат истата грешка, односно спречуваат синдикално здружување, велат од Сојузот на синдикати на Македонија; - Од јавнат дискусија „Синдикално здружување во приватниот сектор“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Домашните менаџери во дел од компаниите со странски капитал во земјава вршат голем притисок врз работниците синдикално да не се здружуваат, а голем удел во ова имаат и некои државни трудови инспектори кои не се на ниво на задачата, рече Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија на денешната јавна дискусија „Синдикално здружување во приватниот сектор“ во организација на МКЦ-Битола.

    „Како пример ќе посочам една компанија во соседен град на Битола, во која директно од домашниот менаџер во странската компанија се врши директен притисок за отчленување на работниците кои од компанијата се зачлениле во синдикатот. Во Скопје во компанија каде биле зачленети 400 работници во синдикат, денес има само еден. Ја користиме секоја прилика да апелираме до надлежните во Министерството за труд и социјална политика и до надележните во Државниот инспекторат за труд да ги преземат сите мерки согласно законот за спречување на ваквите појави“, рече Трендафилов.

    Според него, Трудовиот инспекторат не треба да избегнува да ги казни овие кои два три пати ја повторуваат истата грешка, односно спречуваат синдикално здружување. Посочи дека во компанија од Прилеп има два синдикати, а работодавачот прави сѐ едниот да го згасне. Од друга страна, до Трудовиот инспекторат се доставени документи, писмени докази дека се прекршува Законот за работни односи, а тој разговара директно со менаџерот и не постапува согласно неговите надлежности.

    „Најголем проблем за синдикално здружување се договорите за вработување на определено време кои, за жал, со сегашната законска регулатива може да се склучуваат секој месец по еднаш или 12 пати во годината, со тоа се намалува сигурноста на работниците, а со тоа и можноста да се вклучат во синдикално здружување зашто од страна на работовачите на оние кои ќе се здружат им се откажуваат договорите по истекои на рокот. Во голем број на странски компании само директорот, менаџерот има договор за вработување, а сите останати работиници имаат договори за вработување на определено време што во една држава која е аспирант за челнство во ЕУ не би требало да се случува“, рекоа од Сојузот на синдикати.

    Сепак, има и искучоци, односно позитивни примери како што е битолската компанија „Сокотаб“, каде 75 проценти од вработени се синдикални членови.

    „Синдикалната организација да го попоправи имиџот од изминатите години и да се помрдне од таа точка на организација која обезбедува роба на рати, полутки, во организација која ги застапува интересите на вработените. Од друга страна, менаџментот треба да се ослободи од тие предрасуди формирани од дамнешни времиња и да сфати дека и во нивен интерес е да обезбедат подобри услови за вработените“, рече Билјана Силјановска од „Сокотаб“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира