Во Скопје уште не е почнато прскањето против комарци, ниту од земја ниту авионски. Со години, прскањето почнуваше ко средината на април, по што се прскаше неколку пати авионски.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашето прашање зошто се доцни со прскање и кога се планира да се почне со оглед на тоа дека во Скопје веќе има комарци?
И лани Градот доцнеше со прскањето, бидејќи пропадна дел од тендерот. Договорот за средство за уништување на возрасни форми на комарци и терестична апликација на средство за уништување на ларви од комарци беше склучен на 18 јуни и е со важност од 16 месеци. Вредноста на договорот е околу 5.000 евра, а средството е набавено до Институтот за јавно здравје. Договорот со аероклубот кој го врши прскањето беше склучен на 27 мај 2024, во вредност од 420.000 евра со траење од 16 месеци.
Во Скопје изминативе неколку години летно време врие од комарци. Според истражувањата на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ), големиот број комарци е поради тоа што се прска мала површина и постапката е несоодветна. Од таму велат дека средството со кое се прска е добро, но во населените места не треба да се врши авионска дезинсекција туку прскање од земја, оти само така ќе се уништат комарците.
- ЏАБЕ СЕ ПРСКА АВИОНСКИ, ТАКА НЕ СЕ УНИШТУВААТ КОМАРЦИТЕ И ЗАТОА СЕКОЕ ЛЕТО ГИ ИМА МНОГУ, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ ДАНИЛОВСКИ
- ВО СКОПЈЕ ИМА МНОГУ КОМАРЦИ ОТИ СЕ ПРСКА МАЛА ПОВРШИНА И ТОА АВИОНСКИ НАМЕСТО ОД ЗЕМЈА, ВЕЛАТ ОД ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ
А. АНТЕВСКА