Вчера на пладне во здравствените институции од Велес се водела животна драма за спас на седумгодишно дете, за чиј живот се бореле и докторите од Итната помош и докторите од Одделението за анестезија и реанимација од Велешката болница. За жал, детето било донесено починато уште во Итната помош. Од полицијата соопштија дека детето имало претходно здравствени проблеми, а вчераутро му се влошила состојбата.
„Во 11.54 часот, со Итната помош од страна на двајцата родители донесено е седумгодишно дете. Тоа било без знаци на живот, со видливи мртовечки дамки по телото, со подуен стомак над ниво на граден кош. Веднаш е пристапено кон реанимација. Даден е адреналин, обезбеден е дишен пат, потоа со возило е пренесено на Одделението за анестезија и реанимација на Болницата, каде бил продолжен третманот“, рече портпаролот на Итната помош д-р Страхил Тодоров.
Во Велешката болница детето било донесено во 12,35 часот на Одделението за анестезија и реанимација. Неговите родители кажале дека претходно имал повраќање и пролив.
„Детето е примено без знаци на живот, без срцева акција. Веднаш е започната реанимација, која била подолготрајна, но за жал без резултат“, изјави портпаролката на Општа Болница Велес д-р Весна Николовска-Неделкова.
СВР Велес дополни дека по наредба на јавен обвинител, телото на детето било испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.
П. ПЕЧКОВ