Последниве денови нема ниту трага од големиот метеж и редици пред вакциналните пунктови во Тетово. Ако до неодамна дневно се вакцинираа и до 2.000 лица, деновиве на четирите вакцинални пунктови во Тетово едвај да се вакцинираат по 100. Намалениот интерес за вакцинација го потврдуваат и од Здравствениот дом од Тетово.
„Последниве неколку недели трендот на вакцинација е драстично намален. Претпоставуваме дека тоа се должи што еден добар дел од населението веќе е вакцинирано. Падот на бројките на новозаразените, претпоставуваме дека исто така има влијание врз побарувачката за вакцинирање. Тетово во јули оваа година имаше многу мал процент вакцинирани лица, само 20%. Тој процент го зголемивме во август и септември, кога имавме голем скок на бројот на вакцинирани и сега тој изнесува околу 42% од населението, што е солидна бројка и е на рамниште со бројот на вакцинирани во Југоисточна Европа и земјите од Балканот. Во меѓувреме, започнавме давање трета доза и тоа на здравствените работници, потоа на лицата на 60-годишна возраст и на лицата кои се со хронични болести без разлика на годините. За да ја добијат третата доза тие треба да имаат специјалистички извештај и да побараат да примат трета доза од вакцината“, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствениот дом во Тетово.
Комисијата за имунизација предложи проширување на категориите граѓани кои треба да ја примат третата доза на ковид вакцината. Покрај лицата над 60 години, сите здравствени работници и оние со хронични болести, третата доза им се препорачува и на лицата кои би можеле да бидат изложени на вирусот преку своето работно место.
„Третата доза ќе можат да ја добијат сите граѓани кои се изложени на ризикот од зараза на своето работно место, без разлика на возраста и дали имаат или немаат хронични здравствени состојби. На овој начин ги следиме препораките од други европски земји и САД“, кажа вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Д-р Зоран Митрески, кој врши прегледи на лицата пред да се вакцинираат, вели дека со 35-40 проценти вакцинирано население, Тетовскиот Регион е уште далеку е од постигнување колективен имунитет.
„Сé уште не знаеме колкав е колективниот имунитет, иако во Тетово процентот на вакцинираните лица се движи помеѓу 35 и 40 проценти. За да се добие колективен имунитет, посебно кај присутниот делта сој кој сега е доминантен, треба над 85 % од населението да биде вакцинирано. Засега добро ни оди, но ќе ни треба време за да го достигнеме тој процент. Во секој случај, моја препорака до граѓаните е и понатаму да се носи заштитна маска, да се држи физичка дистанца и вакцинацијата како заштита од ковид-19“, вели д-р Митрески.
Откако неодамна беше затворен регионалниот вакцинален пункт, во Тетово се отворија 4 други пунктови, два се во центарот на градот, во Музејот на Тетовскиот крај и во Центарот за култура, а пунктови има и во кај жичарницата и во амбулантата во село Порој.
З. АНДОНОВ