Со цел голема странска инвестиција за производство на рударска опрема да заврши во Битола, две градежни парцели од 3,2 хектари се одделуваат од индустриската зона „Жабени“ и ѝ се отстапуваат на Владата за формирање државна индустриска зона, во која ќе важат поволностите како во ТИРЗ-овите.
Советот веќе донесе одлука за скратување на опфатот на „Жабени“ на предлог на градоначалничката Наташа Петровска. Оттаму велат дека постои сериозна заинтересираност голем странски инвеститор да вложи во земјава, па сакаат со условите што ќе ги понудат да бидат најконкурентни. Подетаљни податоци за компанијата не се откриваат, само се знае дека ќе изнесува околу 15 милиони евра и ќе има годишен извоз од 150 милиони долари. Државата ќе вложи средства за да се подобри носивоста на земјиштето.
„Тоа земјиште е мочурливо, има вода, но со одредено тампонирање ќе се доведе во ред. Тој одделен дел би бил индустриска зона под ингеренции на Владата и би се овозможило оваа компанија да дојде во Битола. Се работи за тесни рокови, кои сакаме да ги исполниме за да бидеме еднакви со другите конкуренти“, рече претседателот на Советот Валентин Груевски.
Петровска изјави дека „Жабени“ нуди едни поволности, а државна индустриска зона други, па се зголемува спектарот можности за инвеститорите.
„Ваква симбиоза не постои во ниедна друга општина. Заемниот интерес ќе значи поддршка и во сите инфраструктурни зафати што следуваат, па атрактивноста ќе биде многу поголема“, најави Петровска.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека во изминатиот период локалната власт не вложувала средства во подобрување на инфраструктурата и атрактивноста на „Жабени“.
„Ова веројатно се должи на нивната политичка суета, па еден период зборуваа дека таму има само трња и сончогледови полиња“, рече Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Локацијата на „Жабени“ беше избрана од поранешната локална власт, предводена од Владимир Талески. Од СДСМ и ЛДП тогаш критикуваа дека земјиштето има подземни води и не е соодветно за градба. Тогашната власт го одрекуваше тоа, но при отворањето на германската инвестиција „Кромберг и Шуберт“ во Битола, првиот човек на компанијата јавно кажа дека дале дополнителни 1,5 милиони евра за изградба на насипи поради големо количество вода, за што добиле помош од државата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА