Годинава ќе има дочек на Нова година на Плоштадот Македонија во Скопје, а настапот на пејачите и организацијата ќе ја плати Државна лотарија. Градоначалникот Орце Ѓоршиевски денеска, одговарајќи на советнички прашања на седница на Советот на Град Скопје, рече дека од буџетот на Градот нема да се одвојат средства за прослава.
„Во однос на новогодишната прослава, јас побарав да бидат исклучиво македонски изведувачи. Од она досега што е потврдено е дека ќе настапат Каролина Гочева и Тамара Тодевска, како и неколку изведувачи на македонска народна музика. Исто така, три или четири дена ќе има и настани за деца“, рече Ѓорѓиевски.
Новогодишното украсување на Скопје уште не е почнато. Денеска се местеа само куќарките за продажба на новогодишни украси и пијалоци.
А. АНТЕВСКА



