ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВЕЧЕРВА ВО ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ПОГОНОТ КАДЕ НЕСООДВЕТНО СЕ ТРЕТИРА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

    ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ВЕЧЕРВА ВО ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ПОГОНОТ КАДЕ НЕСООДВЕТНО СЕ ТРЕТИРА МЕДИЦИНСКИ ОТПАДДржавниот инспекторат извршил надзор во погонот на 12 декември 2019 година, каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. (Фото: Град Скопје)

    Вонредна контрола вечерва прави Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во погонот на фирмата „Еко клуб“ во кругот на Металскиот Завод Тито. Министерството за животна средина издало налог на инспекторите веднаш да направaт увид, откако денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на прес-конференција презентираше видеоснимки и фотографии како оваа фирма несоодветно го третира медицинскиот отпад пред да го депонира на депонијата „Дрисла“.

    „Извршен е увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспоставeн e контакт со Државниот инспекторат за животна средина  за дополнителни информации во однос на спроведените надзори. Од ДИЖС известија дека последниот надзор на терен над правното лице бил извршен на 12 декември 2019 година, каде со Записник било констатирано дека компанијата работи согласно законските прописи и издадените дозволи. По денешното сознание, на барање на Министерството во моментов се прави вонреден увид на локацијата, а за наодите од истиот јавноста ќе биде благовремено информирана“, соопшти Министерството за животна средина.

    Градоначалникот Шилегов денеска кажа дека медицински отпад без термички да се обработи и стерилизира од погонот се депонирал на депонијата „Дрисла“, а за тоа инспекторите на Град Скопје имаат видеоматеријал снимен во декември кој веднаш го предале во Јавното обвинителство.

    На снимките и фотографиите кои ги направиле инспектори од Град Скопје во погонот се гледа дека медицинскиот отпад не се преработува. Шприцеви, игли, крвави гази и друг медицински отпад е во контакт со кучиња скитници, потоа се префрла во камион за транспорт, незаштитен во посебни ќеси како што е постапката за депонирање на ваков вид отпад. Притоа, од камионот се цеди крв.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира