Дупка од шахта со денови стои отворена на новата сервисна улица кај објектот во кој беше сместено поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) во Скопје. Дупката зјае отворена, а за да не пропадне некој поставена е метална шипка која треба да биде предупредување за минувачите и возачите.
Улицата на која се наоѓа дупката ја направи летово Општина Центар за пристап до зградите кои се направија во овој дел.
Објектот каде беше сместено СЈО сега е затворен и на него стои натпис дека се издава. Објектот е приватен и кога се формираше Специјалното јавно обвинителство беше изнајмен. Со згаснувањето на СЈО, Јавното обвинителство ги презема предметите и за да не се плаќа кирија се откажа користењето на овие простории.
Специјалното јавно обвинителство беше формирано со посебен закон, со цел да ги истражи и процесира злоупотребите на власта откриени со незаконито прислушкуваните разговори во времето кога премиер беше Никола Груевски.
А. АНТЕВСКА