ДУРИ 142 ПАРАЛЕЛКИ ВО ВЕЛЕШКО ИМААТ ПОМАЛКУ УЧЕНИЦИ ОД МИНИМАЛНО ДОЗВОЛЕНИОТ БРОЈ

    ДУРИ 142 ПАРАЛЕЛКИ ВО ВЕЛЕШКО ИМААТ ПОМАЛКУ УЧЕНИЦИ ОД МИНИМАЛНО ДОЗВОЛЕНИОТ БРОЈОваа есен во шесте основни и четирите средни училишта, 142 паралелки се со помалку ученици од законски пропишаните, за основните тоа се 20, а за средните 25 ученици.(Фото: Ѓ.Личовски)

    И годинава има висока бројка на одделенија во велешко, во кои учат помал број на ученици од минимално дозволеното. Оваа есен во шесте основни и четирите средни училишта, 142 паралелки се со помалку ученици од законски пропишаните, за основните тоа се 20, а за средните 25 ученици.

    Наспроти најавите дека нема да се дозволи ваква состојба и нерационално трошење на народните пари, состојбата во образованието, не се менува, туку се влошува. На двете трибини организирани претходните години  со стопанствениците од градот, тие јавно кажаа дека средното образование не образува кадри за нивните потреби. Градоначалникот Аце Коцевски вели декад директорите се водат од мислата за што повеќе запишани ученици, за да имаат што повеќе паралелки, да има што повеќе часови за наставниците, да немаат технолошки вишок, а при тоа не водат грижа колкави се потребите на бизнис заедницата.

    „Мојот став е јасен, доследен и останувам дека не само во Велес, туку во цела држава мора да се рационализира мрежата на училишта, било основни или средни. Таа е димензионирана пред децении кога бројот на ученици беше далеку поголем. Велес е добар примен, но засега осамен. ОД кога сум градоначалник споивме едно основно училиште со друго. За ова прашање  се обидуваме да постигнеме висок степен на согласност со Министерството за образование. Се финансираат плати на просветен кадар, многу повеќе отколку што е потребно. Со тие средства може училиштата да бидат енергетско ефикасни. МОН треба посериозно да пријде на оваа тема, да ја консултира бизнис заедницата при уписот во средните училишта, што им е неопходно потребно, кои профили, а не да се создава кадар кои ќе биде неискористен“, кажа градоначалникот Коцевски.

    Средното економско училиште со сите 18 класа е со помал број на ученици од минималниот, некаде и со пет, шест или седум ученици во паралелка што го нема ниту во приватните училишта.  Во Хемиското пак паралелки без некоја меѓусебна поврзаност- болничар, фармацевт, фризер, прехранбен техничар, техничар за животна средина, се на едно место. Двете диспензираните паралелки на спортска академија од Скопје, кои работат во Велес се исто така со мал број ученици, со по 17 односно 12 ученици.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира