Поскапеа давачките за ѓубретарина, гробно место и одржување, како и сместувањето во градинките и во старечкиот дом „Сју Рајдер“ во Битола. Поскапувањата на седницата на Општинскиот совет ги изгласа владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата и ЗНАМ, посочувајќи дека ова се умерени зголемувања за поефикасна работа на претпријатијата (кои веќе тонат во долгови), а директорите ќе бидат сменети ако не испорачаат резултати за шест месеци.
Ова се новите цени: таксата за подигање комунален отпад за станбен простор на физички лица од 2,80 денари за квадратен метар се зголеми на 4 денари, а за дворно место од 0,17 на 0,24 денари, без ДДВ. За јавно зеленило за физички лица од 30 на 42 денари по корисник месечно. Купувањето гробно место чини 24.500 денари, а надоместокот за одржување на меѓугробен простор од 333 на 450 денари.
Зонското паркирање во А-зона изнесува 50, Б-зона 30, Ц-зона 30 денари на час. Сместувањето во Домот за стари лица „Сју Рајдер“ за подвижни лица од 9.711 на 11.737 денари, а за неподвижни од 12.000 на 15.000 денари. Сместувањето на децата во градинките во Битола поскапе за 510 денари, односно од досегашните 1.490 на 2.000 денари.
Опозицијата од СДСМ и коалициските партнери ЛДП, Поинаку и Левица гласаа против, посочувајќи дека цените се зголемија за 30 отсто, а за паркингот дури 300 проценти.
„Едно четиричлено семејство за „Комуналец“ ќе добива сметка околу 200 денари повисока, за градинка 500 денари повисока, паркирање осум часа за еден месец 300 денари плус, струја поскапа за 500 денари. Кога ќе додадете раст на инфлацијата, кој го имаме на месечно ниво од 5 отсто, добиваме само за еден месец 2.500 денари зголемени трошоци на едно семејство. Вака ли наталитетот ќе го зголемувате? На пензионерите ќе им ги земете 1.000 денари што им ги давате двапати, па 3.000 денари поскапува старскиот дом. Да можевте, и од мртвите пари ќе земевте“, рече Димитар Кузмановски, советник од ЛДП.
Иван Чулаковски од независната граѓанска иницијатива Поинаку, рече дека Јавното претпријатие „Комуналец“, според податоците што му ги доставило, лани во март било во загуба од милион евра, па и со поскапувањето и процентот на наплата од 84 отсто, разликата ќе биде околу 500.000 евра на годишно ниво, што значи дека во првите три години парите ќе се трошат за покривање на долгот, а не за инвестиции.
„Сите што живееме подалеку од центарот, што сме оставени без градски превоз и без велосипедски патеки, со цени од 100 денари за два часа паркирање, ќе треба да се претвориме во птици и да прелетуваме од точка А до точка Б“, рече советничката Софија Ристевска-Петрушева од СДСМ.
Градоначалникот Тони Коњановски рече дека поскапувањето не е популарна мерка, но е доволно храбра и одговорна за да имаме поефикасни претпријатија со подобри услуги.
„Од 1994 година комуналната такса не е зголемена. Стан од 50 квадрати сега ќе добие зголемување од 70 денари, другото е манипулација со јавноста. Да размислуваме со здрава економска логика“, рече тој.
За паркирањето кажа дека никаде на друго место немало можност за 30 денари цел ден да се паркира некој, како што беше примерот кај Спортската сала.
„Мој пријател минатата година ми кажа: ‘Бев на одмор во Анталија, возилото си го оставив 10 дена таму, нема побезбедно место од градскиот паркинг, 10 дена – 300 денари’. Не може да се продолжи со такви неекономски цени“, рече Коњановски.
Додаде дека за шест месеци повторно ќе разговара со директорите на претпријатијата и, ако нема подобрување на состојбите, ќе побара да понесат одговорност.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



