ДВА ДЕНА ПОЛА ГРАД ОБВИЕН ВО ПРАШИНА ДОДЕКА БЕЗ ЗАШТИТА СЕ РУШИ ТЕТОВСКИОТ МОНОПОЛ

    ДВА ДЕНА ПОЛА ГРАД ОБВИЕН ВО ПРАШИНА ДОДЕКА БЕЗ ЗАШТИТА СЕ РУШИ ТЕТОВСКИОТ МОНОПОЛМерната станица на Министерството за животна средина, која од местото каде се руши е оддалечена повеќе од 2 километри, веднаш забележа нагло зголемување на вредноста на ПМ10 честичките од 17 на над 50 микрограма на кубен метар. (Фото: Фејсбук/СДК.МК)

    Половина Тетово два дена е обвиткано во густа прашина откако почна да се руши објектот на тетовскиот Монопол. Без никакви мерки за заштита од прашина при рушење објекти, ниту пак користење заштитна опрема за работниците кои го вршеа рушењето, густиот облак од градежна прашина го преплави Тетово.

    Улицата каде е Монополот беше обвиткана во густа прашина која набрзо навлезе и во трговските објекти и домовите кои се во близина на објектот кој се рушеше. Снимките кои ги направија жителите кои во тие моменти тука минувале се застрашувачки. Рушењето на објектот на Монополот продолжи и денеска и повторно без да се преземат никакви мерки за заштита поради што се создаваа облаци со прашина.

    Мерната станица на Министерството за животна средина, која од местото каде се руши е оддалечена повеќе од 2 километри, веднаш забележа нагло зголемување на вредноста на ПМ10 честичките од 17 на над 50 микрограма на кубен метар.

    Рушењето на објектот на Монополот продолжи и денеска и повторно без да се преземат никакви мерки за заштита поради што се создаваа облаци со прашина. (Фото: СДК.МК)

    На ваквата состојба реагираа од Еколошкото движење „Еко герила“ и од Иницијативата „Тетово сака парк“.

    „Движењето ‘Еко герила’ бара надлежните органи на Општина Тетово да бараат одговорност за непочитувањето на законските одредби за градба од компаниите што ги изведуваат работите, со посебен акцент на законот за безбедност при работа и загадување на животната средина. Бараме итен увид во работите од страна на Градежниот инспекторат и Еколошкиот инспекторат. Емисијата на прашина во големи размери не само што му штети на квалитетот на воздухот, туку го загрозува и здравјето на граѓаните, особено на оние со респираторни заболувања. Морална и законска обврска е да се обезбеди градежните проекти да се изведуваат безбедно и во согласност со стандардите, заштитувајќи ги интересите на сите“, велат од „Еко герила“.

    На ист став се и од Иницијативата „Тетово сака парк“.

    „Вчера, граѓаните на Тетово не можеа да излезат од своите домови зошто дебел слој прашина го покри нашиот град. Се рушеше објект изграден на земјиште кое беше државно, но дадено за смешни пари на приватни инвеститори и така се окупира последниот јавен простор кој што можеше да биде парк во нашиот град. Урбаната мафија си го приграбува овој простор, народните претставници тоа немо го гледаат и креваат два прста за одобрување. Целиот град беше покриен со прашина бидејќи не се применуваат законските одредби кои предвидуваат како се постапува кога треба да се рушат ваков вид на објекти. Ваква еколошка катастрофа одамна не му се случила на Тетово“, вели Дарио Сотировски од Иницијативата Тетово сака парк“.

    Прашан за ова уривање без заштита, градоначалникот Билал Касами само кратко изјави дека ги пратил инспекциите на местото на рушењето и деновиве очекува извештај од нив.

    „Реакциите за рушењето на Монополот дојдоа и до мене и е испратен општинскиот инспекторат. Тие се излезени на терен и овие денови ќе има извештај за тоа за што станува збор“, изјави Касами.

    Кон крајот на 2024,  Советот на Општина Тетово ги промени Генералниот и Деталниот урбанистички план за просторот на тетовскиот Монопол, за да се овозможи изградба на станбени згради за околу 2.000 станови. Веднаш потоа државното земјиште е продадено на поединци за само 7.000 евра.

    На ова место од Иницијативата „Тетово сака парк“ предлагаше да се изгради градски парк, нешто што Тетово се уште го нема, но бизнис интересите на Општината надвладеаја и наместо парк сега тука никнува огромен станбен комплекс.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира