Неопходна е комплетна преобразба на Сојузот на пензионерите во Македонија, со системски реформи за подобрување животот на пензионерите и за трансформација на работењето на Сојузот. Во последно време се случуваат разни злоупотреби на пензионерите и нивниот денар што секој месец го издвојуваат во Сојузот, рекоа на средбата во Свети Николе членови од дваесетина пензионерски здруженија од Битола, Прилеп и нивните соседни општини, од Кочани, Штип, Свети Николе и десетина здруженија од општините во Скопје.
Здруженијата и натаму се лути што претседателката на Сојузот Станка Стојчевск не ги прифати нивните барања за линеарно зголемување на пензиите, туку им нудеше само 5,3 проценти. Тие, рекоа дека сите трансформации што ги предлагаат се за подобрување животот на пензионерите, а тоа може да се постигне со корените статусни и кадровски промени, затоа што воочливи се залоупотребите на пензионерските пари.
„Во рамките на Сојузот се купуваат станови и деловни простории и истите се издаваат под наем. Таков е случајот и со Домот во Катланово кој прерасна во хотел за кирија само од 20.000 денари даден на приватно лице“, кажаа претставниците на скопските здруженија кои, како што рекоа, се поупатени во работењето на Сојузот.
Пензионерите категорично нагласија дека остануваат на ставот за оставка на претседателката Стојчевска, која кога биле изборите, како што рекоа, најавена била дека живее во Ѓорче Петров, а таа тогаш со лична карта била со место на живеење во Кисела Вода.
Пензионерите на крајот рекоа дека денешното невреме спречило пензионерскиот собир во Свети Николе да биде помасовен, но останаа на најавениот став за организирање на масовен протест во Скопје пред сите надлежни интитуции, за целосна ревизија на финаниското работење на Сојузот на пензионерите и да се земе предвид нивниот предлог-закон.
Т. ЈОВАНОВСКИ