ДВАЈЦА АЛПИНИСТИ ОД РАДОВИШ ЗАГИНАА ЧИСТЕЈЌИ ВИСОКИ СИЛОСИ ВО РУДНИКОТ БУЧИМ

    ДВАЈЦА АЛПИНИСТИ ОД РАДОВИШ ЗАГИНАА ЧИСТЕЈЌИ ВИСОКИ СИЛОСИ ВО РУДНИКОТ БУЧИМПочинатите се подизведувачи од Алпинистичкиот клуб „Плоча“ од Радовиш. (Фото: СДК.МК)

    Двајца радовишани, членови на Алпинистичкиот клуб „Плоча“, загинаа чистејќи високонедостапни силоси на рудникот Бучим. Веста ја потврдија и од компанијата и од МВР, од каде соопштија како настанал несреќниот случај во кој загинаа двајца алпинисти во работната единица Флотација на Бучим. Првичните информации се дека двајцата радовишани починале од задушување иако уште нема официјална потврда за тоа.

    Македонската алпинистичка федерација (МАФ) потврди дека починати се алпинистите Зоран Мајсторски и Драган Станишков од Радовиш. Мајсторски беше и снимател за приватна телевизија од Радовиш.

    „Зоран Мајсторски беше еден од столбовите на македонскиот алпинизам кој остави значителен алпинистички траг. Алпинистите од МАФ и алпинистичката заедница остануваат без драгоцен другар и непроценлив алпинистички потенцијал. Зоран Мајсторски вечно ќе остане запаметен преку неговите искачувања“, вели МАФ.

    Увидни екипи вршат истрага за да ги утврдат причините за несреќниот случај, рече портпаролката на СВР Струмица Александра Трајанова.

    „Починатите лица се подизведувачи од Алпинистичкиот клуб ‘Плоча’ од Радовиш, ангажирани за извршување на работни задачи – чистење на високонедостапни силоси. На местото на несреќата, медицинскиот персонал на Бучим веднаш ги презеде сите неопходни мерки за укажување прва помош и настраданите лица се упатни кон Здравствениот дом Радовиш и Клиничката болница во Штип, каде е констатирана смрт“, соопштија од рудникот Бучим.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира