ДВАЈЦА ГО СЕЧЕЛЕ СО ЖИЛЕТ И НОЖ, А НА РАНИТЕ МУ СТАВАЛЕ СОЛ И ПАРФЕМ ЗА ДА ИЗНУДАТ ПАРИ, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ВО БИТОЛА

    ДВАЈЦА ГО СЕЧЕЛЕ СО ЖИЛЕТ И НОЖ, А НА РАНИТЕ МУ СТАВАЛЕ СОЛ И ПАРФЕМ ЗА ДА ИЗНУДАТ ПАРИ, ПОДНЕСЕНО ОБВИНЕНИЕ ВО БИТОЛАНасилниците ги присилиле родителите на грабнатиот да им дадат 1.600 евра, како прв дел од вкупно 40.000 евра. Обвинителот побара да им се продолжи притворот; - СВР Битола. (Фото: СДК.МК)

    Двајца мажи за да изнудат пари од трето лице, го затвориле во стан во Скопје каде го измачувале тепајќи го со чекан, а го сечеле со нож и жилет и на раните му ставале сол и парфем. Ова преку видеоповик им го пуштале на домаќините на измачуваното лице, барајќи им да донесат 1.600 евра како прва рата од вкупно 40.000 евра, соопшти Основното јавно обвинителство од Битола.

    Обвинителството вели дека настанот се случил во периодот од 13 до 15 декември лани, а денес е поднесен Обвинителен акт против двете лица за сторено кривично дело изнуда. Еден од обвинетите се товари и за сторено кривично дело лажно пријавување, зашто пријавил како него да му се случило насилството.

    „Обвинетите го држеле оштетениот затворен во стан во Скопје каде со употреба на сила го соблекле гол од половина нагоре, го тепале со тупаници по главата и телото, го удирале со тапиот дел од чекан и со метална шипка по главата, го пресекле со нож на левата рака и со жилет по грбот, по што му ставале сол и парфем на раните. Обвинетите на жртвата ѝ нанеле тешки телесни повреди изразени како нагмечување, скршеници и крвна подлиеност во пределот на главата и телото. Обвинетите воспоставиле со родителите на жртвата телефонска комуникација од телефонот на оштетениот, а потоа и видеоповик за време на кој повторно го тепале видно повредениот“, се вели во соопштението на Обвинителството.

    Со ова, тие ги присилиле родителите на оштетениот да им дадат  1.600 евра, како прв дел од вкупно 40.000 евра. Мајката на оштетениот ги донела побараните пари во Скопје и како што ѝ било кажано, ги оставила во паркираното возило на нејзиниот син.

    По насилството и откако успеале да ги земат парите, едниот од насилниците на 15 декември лани во просториите на СВР Битола лажно пријавил дека спрема него како оштетен е сторено кривично дело разбојништво и кривично дело противправно лишување од слобода. Тој излажал дека помеѓу 12  и 15 декември 2019 бил жртва на двете кривични дела извршени наводно од првообвинетиот и уште две лица, иако знаел дека такви кривични дела не биле сторени спрема него, туку дека во тој период, самиот тој заедно со првообвинетиот учествувале во насилството.

    Јавниот обвинител кој постапува во предметот до судот денеска достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор, сметајќи дека ако обвинетите се на слобода ќе имаат непречена можност да го попречуваат водењето на кривичната постапка и утврдувањето на фактичката состојба со влијание врз сведоците, дека постои можност да го повторат кривичното дело, како и да избегаат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира