ДВАЈЦА СВЕШТЕНИЦИ ПОЧИНАА ОД КОВИД-19, НЕ СЛУШАЈТЕ ГИ ПОПОВИТЕ ШТО ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ВИРУС, ПОВИКА ВЛАДИКАТА ПЕТАР

    ДВАЈЦА СВЕШТЕНИЦИ ПОЧИНАА ОД КОВИД-19, НЕ СЛУШАЈТЕ ГИ ПОПОВИТЕ ШТО ВЕЛАТ ДЕКА НЕМА ВИРУС, ПОВИКА ВЛАДИКАТА ПЕТАРЗа време на вчерашната проповед дел од верниците беа без маски, па владиката Петар ги опомена да доаѓаат в црква, но подготвени, покрај со молитва и со маска. (Фото: Преспанско-Пелагониска епархија)

    „Во Преспанско-Пелагониската епархија од коронавирусот имаат умрено 255 лица до пред една недела. Во една недела ни починаа и двајца свештеници, еден на 78 години и најмладиот на 39-годишна возраст кој не боледуваше од никаква болест“,  соопшти владиката Петар на вчерашната црковна служба во храмот „Свети Димитрија“ во Битола. Тој рече дека болеста е сериозна и апелираше до верниците да не ги слушаат поповите кои велат дека коронавирусот не постои.

    „Оваа болест не е наивна и не е како што некои велат, за жал, и некои свештени лица кои така велеа, не сакам да ги именувам, ама и тие заболеа. Им велеа на луѓето нема вирус. Вирус има, болеста е присутна, умираат луѓе, дури и патријарси, владици, свештеници, ѓакони, верници, служители во црквите. Никого не поштедува. Умираат и врвни лекари, што значи сериозна е болеста“, рече владиката.

    За време на проповедта дел од верниците беа без маски, па тој ги опомена да доаѓаат в црква, но подготвени, покрај со молитва и со маска. Како што рече, не е срамота в црква да се носи маска за заштита. Но, посочи дека луѓето обратно ја користат маската, кога се сами ја носат, а кога ќе се доближат до некого да му кажат нешто ја симнуваат. Им порача на верниците задолжително да носат маски кога се приближувате до некого за комуникација, а кога држат растојание од две метра и не мора.

    „Битола и Прилеп станаа Вухан македонски. Она што беше во Кина ни се пресели тука. Во цела Европа и пошироко по смртност сме најмногу ние Македонците. Само во нашата епархија, во изминатата година вкупно од крстени и венчани имавме 1.100 повеќе умрени“, рече владиката Петар.

    Уште додаде дека болеста од луѓето направи потенцијални убијци зашто невнимавајќи и неносејќи маски го шират вирусот и луѓе умираат, но и самоубијци зашто „доколку знаеме дека некој е заразен, па со него комуницираме, свесно ќе се разболиме“.

    Наспроти сегашните опомени за сериозноста на здравствената состојба, сепак, црквите не престранаа со работа цело време за коронакризата. И причесната продолжи да се одвива со една иста лажичка за сите верници. Она што ќе останае од виното каде се црпело со лажицата за да им се даде причест на верниците, на крај го допива свештеникот. Воедно, при причестувањето сите верници земаат лепче од една иста рака на попот кој е на службата.

    На 15 април, по повод велигденските празници, Владиката Тимотеј изјави дека свештениците не можат да му забранат некому што ќе посака да се причести, лажичката ќе биде иста за сите без разлика што така може да се шири коронавирусот, а тврдеше и дека иконите ќе се дезинфицираат оти традиција е и тие да се бакнуваат.

    „Јас мислам дека лажичката и причеста не придонесуваат за ширење на коронавирус. Оној што се плаши од причеста нека не пристапи. Ништо друго не можеме да менуваме ние, не можеме да менуваме традиции од векови“, рече тогаш владиката Тимотеј.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира