ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНА КАРПОШ ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА ОТКАКО СО СОПРУЖНИЦИТЕ СЕ ТЕПАА НА УЛИЦА

    ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ ВО ОПШТИНА КАРПОШ ИЗБРКАНИ ОД РАБОТА ОТКАКО СО СОПРУЖНИЦИТЕ СЕ ТЕПАА НА УЛИЦАРасправијата започнала најпрво меѓу вработената во Општината и сопругата на нејзиниот колега. Потоа се придружиле и сопружниците при што настанала тапачка, а вработениот во Општината го нападнал мажот на неговата колешка со остар предмет. (Архивска фотографија)

    Двајца вработени во Општина Карпош се избркани од работа откако вчера со нивните сопружници се тепале во близина на Општината. Станува збор за вработена во Секторот за поддршка за Советот на Општина Карпош и нејзин колега од Сектор за човечки ресурси.

    Расправијата започнала најпрво меѓу вработената во Општината и сопругата на нејзиниот колега. Потоа се придружиле и сопружниците при што настанала тепачка, а вработениот во Општината го нападнал мажот на неговата колешка со остар предмет.

    Од Општина Карпош за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека настанот се случил во близина на ТЦ „Лептокарија“, а не во просториите на Општината и дека случајот е пријавен во полиција, била повикана и Брза помош.

    „Станува збор за лица кои се вработени со договор за привремено ангажирани службеници. Вработените ги повредија сите етички стандарди и норми за професионално и одговорно работење. Оттука, Општина Карпош донесе одлука за прекинување на договорите за вработување на лицата кои беа дел од настанот“, велат од Општина Карпош.

    Од Министерството за внатрешни работи го потврдуваат случајот велејќи дека вчера во 11.30 часот било пријавено дека на улица Драгиша Мишовиќ по претходна расправија С. А. (34) со остар предмет му нанел повреда на В. К. (37) двајцата од Скопје.

    „Повредениот веднаш бил пренесен во ГОБ „8 Септември“, каде му била укажана лекарска помош. С.А. околу 18 часот сам се пријавил во Единицата за насилен криминал во Полициската станица Кисела Вода и со него бил извршен разговор. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок“, велат од МВР .

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира