Осум лица синоќа биле хоспитализирани во Клиничката болница во Штип со тешки повреди, што ги добиле во сообраќајната несреќа што се случи на патот Струмица-Штип во близина на Радовиш. МВР соопшти дека две лица загинале во несреќата и дека станува збор за мигранти.
„Еден од повредените е македонски државјанин, останатите седум се мигранти од Сирија. Еден од нив им подлегна на повредите, двајца се сместени во шок соба. Еден мигрант итно е опериран на нервна хирургија, а останатите се под засилена опсервација“, изјави портпаролката на Клиничката болница Марина Шуманска.
Во официјалното соопштение на МВР се вели дека сообраќајната несреќа се случила на магистралниот пат Струмица-Штип, кај клучката Радовиш, каде што патничко возило „ауди“ со скопски регистарски таблички удрило во запрено товарно возило, сопственост на МВР. Во автомобилот имало 12 мигранти од Сирија. На самото место починал еден од мигрантите, а еден им подлегнал на повредите во Клиничката болница во Штип.
Во известувањето на МВР се наведува и дека со телесни повреди се здобил и еден полициски службеник. Поради полицискиот увид, сообраќајот на клучката Радовиш синоќа бил во прекин еден час.
Т. ЈОВАНОВСКИ