Наредната недела ќе почне транспортот на двете слоници од Белгија во скопската Зоолошка градина.
Слоновите од Белгија до Скопје ќе бидат донесени со камион и се очекува до средината на август да стигнат во Скопје.
„Едната е африканска, другата азиска слоница. И двете се стари по 30 години. Направено е ново живеалиште според најсовремените стандарди, со отворен и затворен дел. Со површината која ја зафаќа живеалиштето тоа е едно од најголемите во Зоолошката“, вели директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски.
Внатрешноста на новото живеалиште веќе е завршена а сега се работи на уредување на дворот и просторот околу него. Галетановски вели дека покрај овој дел во наредниот период ќе се работи на разубавување на целата Зоолошка градина. Ќе се садат нови цвеќиња и зеленило, ќе се градат неколку фонтани, детско катче, а во план е да се реконструираат и сите стари живеалиште во кои сега нема животни.
„Моја цел е скопската Зоолошка да стане европска градина. За тоа да го направиме прво мора да ја подобриме хигиената и веќе е во тек акцијата со јавните претпријатија на Град Скопје за чистење и косење на зеленилото. Во наредниот период ќе започнеме кампања да ги едуцираме посетителите да не им даваат храна на животните. Тоа е голем проблем. И покрај напорите на вработени кои им објаснуваат на граѓаните дека животните имаа посебен режим на исхрана, тие и понатаму им даваат храна“, вели Галетановски.
Во скопската Зоолошка градина во септември ќе се врати и мајмунот Коко, кој 9 години беше на лекување и ресоцијализација во Холандија оти беше во депресија. Заедно со Коко ќе дојдат уште три шимпанза, две женки и едно машко, со кои Коко се дружел во Зоолошката градина во Амстердам.
А. АНТЕВСКА