Со години се распаѓаат две куќи во близина на Античкиот театар во Охрид под кои има археолошки наоди. Семејствата Момирови и Дамјаноски, на кои им е одземено правото на сопственост, половина век чекаат експропријација, но до ден-денес не добиле обесштетување оти, како што секојпат ги известувале, немало предвидено пари за тоа. Со години гледаат како им се распаѓаат куќите во кои не живеат оти нема услови за тоа, а немаат ни право да ги обноват своите домови.
Сега ниту можат да живеат во нив ниту да ги поправаат. Единствено им останува да чекаат државата да најде средства да ги обештети. Ова се последните две куќи кои чекаат на експропријација во близина на Античкиот театар.
„Од 1978 година куќите имаат добиено решение за експропријација, дека се прогласени за национално богатство. Дедо ми бил жив, не можел ништо да догради, не му беше дозволено. После 48 години нормално дека куќата ќе пропаѓа, а не смееш да поправаш ништо. Јас, дури, мислам дека ако не се реши овој проблем најбрзо, може дел од задната страна и да се сруши на самата сцена оти се поткопани темелите. Секогаш ветуваат дека сега ќе се среди, но на крај одговорот секогаш е ист, нема средства“, вели Маја Коваческа, чија мајка е наследничка на една од куќите.
Поради старост често паѓаат делови од фасадата и надворешниот ѕид од старите трошни куќи.
„За среќа, во моментот кога имаше одрони никој не поминувал во нивна близина“, велат граѓаните кои живеат во близина.
На едната куќа се распаѓа и кровот, а урнат е и дел од ѕидот.

Поради старост често паѓаат делови од фасадата и надворешниот ѕид од старите трошни куќи во една од најфреквентните улици во Стариот Град. (Фото: СДК.МК)
„Откога почнаа да го копаат Античкиот театар, тоа има 30 години, ние немаме никакво право. Од едната страна, куќата е поткопана. Не може никој да живее во неа, му прети таа опасност. Не можеме да ја продадеме. Не се решава случајов со децении“, вели Милка Момирова-Лончар, една од сопствениците на имотот.
Куќите се на една од најфреквентните улици во Стариот Град, каде дневно минуваат стотици туристи. За туристичките работници овие руинирани објекти се и грдата глетка во очите на туристите.
„Туристите се чудат зошто ваквите куќи не ги поправаме или целосно урнеме“, велат тие.
Куќите, кои се национално богатство, имаат вредност оти се наоѓаат во прва урбана зона. Коваческа вели дека во 2002 им била понудена сума од околу 40.000 евра која не била прифатена оти реалната вредност е далеку поголема, над 200.000 евра.
„Нормално дека нема да прифатиш нешто што не одговара со вредноста на куќата. После оваа понуда од 40.000 евра, друга понуда не добивме. Не може да немаат средства. Должност им е да имаат средства оти се работи за куќи под кои има национално богатство и мора да се рушат. Мора да нè обесштетат според вредноста. Со приватен геодет сами направивме елаборат за да се види колкава е самата вредност на куќата. Ова е под надлежност на Министерство за култура и Управата за заштита на културно наследство. Кога се прави буџетот мора да нè предвидат и нас, оти Античкиот театар е важен проект и за Охрид и за државата“, вели Коваческа која до нејзината седма година живеела во таа куќа.
Таа вели дека постои опасност од рушење на куќата.
„Овој проблем треба најбрзо и најитно и приоритетно да се реши“, додава Ковачеста и најави дека ако не се најде решение во скоро, време правдата ќе ја бараат по судски пат.
Од Завод и музеј Охрид велат дека се води постапка за експропријација, даваат поддршка да заврши за да може да се продолжи со археолошките истражувања на теренот.
С. ВРЕНЦОВСКА