ДВЕ ЖЕНИ И ТРОЈЦА МЛАДИ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ФАРМЕРИ НА ГОДИНАТА НА АГРОСАЕМОТ ВО СТРУМИЦА

    ДВЕ ЖЕНИ И ТРОЈЦА МЛАДИ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА ФАРМЕРИ НА ГОДИНАТА НА АГРОСАЕМОТ ВО СТРУМИЦАЗа успешни жени-фармерки беа прогласени Славица Малинова од струмичко Куклиш и Катерина Трајкова од Долно Чичево кај Велес. (Фото: СДК.МК)

    На Агросаемот во Струмица, каде стотина земјоделци го изложија своето производство, организаторот „Проагро фармери“ додели признанија за жена-фармер на годината и за успешен млад земјоделец во 2025. Изборот на најдобрите во овие две категории се изврши откако здружението од Струмица распиша јавен повик на кој можеа да се пријават сите кои сметаат дека оваа година постигнале добри приноси и резултати.

    За успешни жени-фармери беа прогласени Славица Малинова од струмичко Куклиш и Катерина Трајкова од Долно Чичево кај Велес. Малинова, како носителка на земјоделско стопанство, годинава има произведено околу 230 тони зелка, домати и црвена пиперка.  Трајкова наградата ја доби оти одгледува 120 пчелни смејства, има овошни насади со круша и 30-тина декари винова лоза, а од годинава отворила и семејна винарија.

    Најдобрите млади земјоделци за 2025. (Фото: СДК.МК)

    За успешни млади земјоделци на Агросаемот во Струмица беа прогласени Васил Гавровски од струмичко Босилово, Кристина Тодорова од Неготино и Ристе Гоцевски од Моноспитово. Тие од организаторите добија симболични награди во земјоделска опрема,  а од гостите на саемската манифестација силен аплауз.

    Гавровски (21) обработува 35 хектари земјиште. Поседува 70 пластеници од кои произведува 80 тони пролетна зелка и црвена пиперка. Од сточарството има 50 грла крупен добиток и годишно произведува 100 тони млеко.

    Тодорова, која е дипломирана земјоделска инженерка, одгледува медицински печурки, а преработува и локални суровини во продукти.  На пазарот исфрли нов продукт ,,гаџун“ кој е спој на гроздов сок и габата Cordyceps sinensis.

    Гоцевки (26) е носител на земјоделско стопанство пет години, наградата ја доби за одличните приноси на зелка, домати, краставици, корнишони и црвена пиперка што оваа година кое се очекува да надмина 250 тони.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира