За два дена, вчера и завчера, на подрачјето на СВР Велес се евидентирани се два случаи на измама преку социјална мрежа во потрага за стан, едниот во Скопје, а другиот во Велес. И во двата случаи биле измамени жени.
„На 2 октомври во 19:30 часот во СВР Велес, 38-годишна жена од битолско село пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 28.400 денари. Според пријавеното, таа се зачленила во група на социјална мрежа со цел да најде стан под закуп во Скопје, по што била контактирана од лицето Н. П., а откако се договориле, парите за закуп електронски ги уплатила на банкарска сметка. Како што е пријавено, после тоа лицето било недостапно за контакт и сфатила дека била измамена. Исто така, на 1 октомври, 42-годишна велешанка на ист начин била измамена за сума од 15.000 денари за закуп на стан во Велес“, соопшти портпаролката на СВР Велес Биљана Ѓаковска.
Поради појава на овој нов вид измами по електронски пат за наводни договори за закуп, СВР Велес апелира на особена внимателност при комуникација со непознати лица по електронски пат на социјални мрежи и платформи за комуникација, особено кога се бара да извршат уплати на финансиски средства. МВР вели сите сомнителни случаи да се пријават во полиција.
П. ПЕЧКОВ