ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА МАЛОЛЕТНИЦИ КОИ ВОЗЕЛЕ БЕЗ ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА И ЗАШТИТНА ОПРЕМА, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ ВО БИТОЛА

    ДВОЈНО ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА МАЛОЛЕТНИЦИ КОИ ВОЗЕЛЕ БЕЗ ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА И ЗАШТИТНА ОПРЕМА, ПОКАЖА НОВО ИСТРАЖУВАЊЕ ВО БИТОЛАНајмногу сообраќајки, 15, предизвикале малолетници во Битола. (Фото: СВР Битола)

    Во пораст е бројот на малолетници на територијата на СВР Битола кои предизвикале сообраќајни несреќи, а двојно е зголемен и бројот на малолетни лица кои биле затекнати како управуваат моторни возила или моторцикли без возачка дозвола и заштитна кацига. Ова се податоци од научниот труд на м-р Гордана Кожуваровска, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и професор по сообраќајни стручни предмети во средното училиште „Таки Даскало“ во Битола.

    Објавените податоци се однесуваат на периодот од 2019 до 2021 година и се официјални добиени од Секторот за внатрешни работи во Битола, чија територија ги опфаќа општините Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Ресен и Македонски Брод.

    Истражувањето за незгодите предизвикани од млади возачи е објавено во стручниот билтен „Разгледи“ објавен по повод јубилејот 40 години на СОУ „Таки Даскало“ во Битола. Презентирани се податоци во кои бројот на малолетници кои предизвикале сообраќајни несреќи на територија на СВР Битола не е многу висок, но во последните две години од анализираните 2020 и 2021 година е во значителен пораст. Во 2019 година тој изнесувал 6, во 2020 и 2021 дури 20, а од нив најмногу во Битола, 15.

    „Бројот на малолетници кои управувале со моторно возило или моторцикл без возачка дозвола е прилично висок, а во 2021 година скоро двојно зголемен во однос на 2019. Така во 2019 биле затекнати 64 малолетници, во 2020 година 77, а 2021 дури 115. Од нив најголем број во Битола 68. Бројот на малолетници кои управувале моторцикли без соодветена заштитна опрема (кацига) секоја година двојно се зголемува во однос на претходната. Во 2020 – 25, а 2021 – 42 и од нив половината во Битола, односно 23“, се наведува во истражувањето.

    Дека несовесното однесување продолжува потврда е и неодамнешната контрола од СВР Битола кога за пет часа во Битола и Прилеп биле санкционирани 35 моторцикли. Седуммина управувале без да поседуваат возачка дозвола, а 23 не носеле кацига. Полицијата продолжува со контролите и упатуваат апел да се почитуваат сообраќајните правила и прописи.

    Кожуваровска во трудот посочува дека според статистиката и искуствата, возачите почетници спаѓаат во групата на ризични учесници во сообраќајот и неопходно е нивно постепено и безбедно интегрирање во сложениот и динамичен сообрачаен систем. Во периодот од 2019 до 2023 година , бројот на загинати и повредени лица во сообраќакни несреќи во Македонија е со приближни вредности. Во 2019 загинати лица имало 132, 2020 -125, 2021 – 116, 2022 – 124 и 2023 – 127.

    Според податоците на СЗО, годишно во светот околу 400 000 млади лица го губат животот во сообраќајни несреќи. Тоа значи 1.100 млади на возраст до 25 години секој ден згаснуваат во сообраќајќи ширум светот. Сообраќајќите се прва причина за смртност на лицата на возраст од 15 до 19 години, а втора за смртност на лицата од 10 до 25 години.

    „Имајќи ги во предвид наведените факти, заклучува Кожуваровска, со право може да се каже дека сообраќајните несреќи се црна чума на 21 век“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира