ДВОКАТНИОТ АВТОБУС НЕМА ЛИНИЈА ВО ОХРИД ОТИ Е САМО ЕДЕН

    ДВОКАТНИОТ АВТОБУС НЕМА ЛИНИЈА ВО ОХРИД ОТИ Е САМО ЕДЕНОвој автобус сега стои паркиран пред спортската сала во Охрид и се чека почетокот на летната сезона за да се искористи за превоз на туристи од Пештани до Охрид или до Свети Наум, но само во договор со некоја туристичка агенција не и на редовна линија.(Фото: СДК.МК)

    Панорамскиот двокатен автобус кој Охрид го доби на користење од поранешната влада, не може да добие редовна линија низ градот и околината бидејќи, според прописите од Министерството за транспорт и врски, ЈП „Билјанини Извори” треба да има најмалку две вакви возила. Овој автобус сега стои паркиран пред спортската сала во Охрид и се чека почетокот на летната сезона за да се искористи за превоз на туристи од Пештани до Охрид или до Свети Наум, но само во договор со некоја туристичка агенција. На редовна линија не може да сообраќа.

    „Ние како јавно претпријатие не можеме да отвориме редовна линија низ Охрид и околината за двокатниот автобус бидејќи услов е да имаме најмалку два вакви автобуси. Тој е скап за одржување, а пред повеќе од две години беше оштетен, беа украдени сензорите од филтирите од моторот. Ние го ставивме во функција и го користиме за панорамски прошетки само во договор со заинтересираните. Настојуваме да го искористиме  колку што можеме бидејќи трошоците за негово одржување се високи”, ни изјави директорката на „Билјанини Извори” Гордана Јованоска.

    Охрид не може да добие уште еден автобус од скопските кои ги има ЈСП „Скопје“ оти тие стојат размонтирани во гаражата во Автокоманда. Откако на функција дојде новиот директор Кристијан Чушков, кажа дека ги затекнал речиси сите панорамски автобуси надвор од употреба. Од нив се ваделе делови и се ставале на затворените двокатни кои возат низ градот.

    Двокатниот автобус во Охрид пред повеќе од две години мистериозно исчезна откако беше оштетен. Тогашното раководство на јавното претпијатие го сокри во некогашната фабрика “ЕМО”, потоа новата директорка го врати и го поправи. Моментално се чека почетокот на летото за да може автобусот да почне да сообраќа, но само за потребите на туристичките агенции.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира