ДВОРОТ НА СРЕДНОШКОЛСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЗАТРУПАН ВО ЃУБРЕ, УЧЕНИЦИ ГО ФРЛААТ ПРЕКУ ТЕРАСА

    ДВОРОТ НА СРЕДНОШКОЛСКИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЗАТРУПАН ВО ЃУБРЕ, УЧЕНИЦИ ГО ФРЛААТ ПРЕКУ ТЕРАСАОткако Класнето ги објави фотографиите, вчера вработени од „Мирка Гинова“ и комунални служби го чистеа насобраниот смет. (Фото: СДК.МК)

    Дворот на средношколскиот дом „Мирка Гинова“ во Битола е затрупан со ѓубре и градежен шут. Фотографиите на својот фејсбук профил ги објави Марија Магдалена Петковска-Микаровска, позната како Класнето, која подолг период со своите ученици и други граѓани чистат депонии низ Битола и околината под мотото Мети си со Класнето, а со тоа ја подигнуваат свеста кај граѓаните за чиста животна средина. На фотографиите се гледа дека контејнерите се празни, а ѓубрето е расфрлено наоколу. Покрај фотографиите Класнето напиша „Двор полн со зеленило и цвеќиња и фина мотивирачка атмосфера, само вие не можете да ги видите“.

    Откако Класнетo ги објави фотографиите, вчера вработени од „Мирка Гинова“ и комунални служби го чистеа насобраниот смет.

    Директорката Елена Спасеновска рече дека во институцијата редовно се одржува хигиената, но во тек е реновирање на тоалетите, па сметот се вади надвор и од таму се товари во камион од „Комуналец“.

    „Можете да видите дека се чисти уште. Во домот се реновираат тоалетите . Шутот се исфра надвор. Тој не може да се подига секој ден, туку се чека да се собере повеќе за да се наполни камионот и да се фрли. Доаѓаат камионите денес зашто сега завршуваме со реновирањето“, рече директорката Спасеновска.

    Меѓу насобраниот смет имаше и кеси со отпад и пластични шишиња.

    Сликата со ѓубрето однадвор беше спротивна на онаа внатре во домот. Внатре ходниците, спалните соби, канцелариите, читалните беа беспрекорно чисти. (Фото: СДК.МК)

    „Ова е средношколски дом и се случува некогаш и децата да постапат непромислено и да фрлат кеса од горе, од тераса. Но, ние имаме служители и тоа редовно се чисти“, додаде Спасеновска.

    Сликата со ѓубрето однадвор беше спротивна на онаа што ја затекнавме внатре во домот. Внатре ходниците, спалните соби, канцелариите, читалните беа беспрекорно чисти, а на ѕидовите од ходникот имаше еколошко катче со ученички творби за чиста животна средина.

    Во овој дом престојуваат 350 ученици, реновирани им се спалните и другите простории со донација од Министерството за култура, а сега со сопствени средства на Средношколскиот дом се реновираат тоалетите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира