ЕДЕН ВЕРБАЛЕН НАПАД НЕ МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ НАШАТА СЛИКА ДЕКА СТЕ ПРИМЕР ЗА МИРЕН НАРОД, ВЕЛАТ КОРЕЈЦИТЕ КОИ ЗАВЧЕРА БЕА НАВРЕДУВАНИ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТ

    ЕДЕН ВЕРБАЛЕН НАПАД НЕ МОЖЕ ДА ЈА СМЕНИ НАШАТА СЛИКА ДЕКА СТЕ ПРИМЕР ЗА МИРЕН НАРОД, ВЕЛАТ КОРЕЈЦИТЕ КОИ ЗАВЧЕРА БЕА НАВРЕДУВАНИ ПОРАДИ КОРОНАВИРУСОТПретставниците на јужнокорејската мировна организација досега посетиле шест основни и средни училишта во Тетово, Боговиње, Свети Николе и Берово. (Фото: СДК.МК)

    „Ова во Скопје беше изолиран случај. Вие сте мирен народ и досега не сме имале проблем“, вели Еди Чеј од Јужна Кореја, кој е претставник на мировната организација од оваа држава, чии членови беа вербално нападнати во Скопје поради коронавирусот. Организацијата на Чеј во земјава одржува едукативни работилници за мир, толеранција, меѓусебно почитување и разбирање. Тие тврдат дека во земјава секогаш се чувствувале како дома и не е во ред да се прави лоша слика за Македонија, која секогаш наоѓа мирољубиви решенија.

    „Ова беше единствен случај, а ние сме овде веќе четири години. Вашиот народ е гостопримлив и мирен народ, спремен за изнаоѓање на мирољубиви решенија во конфликтни ситуации. Не сакаме овој изолиран случај да ја измени сликата“, ни изјави Еди Чеј, кој во струмичкото средно училиште „Јане Сандански“ одржа две работилници за мир.

    Тие досега посетиле шест основни и средни училишта во Тетово, Боговиње, Свети Николе и Берово, каде со основци и средношколци работеле како да се надминуваат проблемите со изнаоѓање мирни решенија, преку меѓусебно разбирање. До крајот на февруари планираат да одржат уште 15-тина работилници, бидејќи сметаат дека со континуирана едукација младите може во иднина да изнаоѓаат мирни решенија.

    „Вашата земја низ историјата покажа дека знае да се справи со конфликтни ситуации, но факт е дека ќе мора младите да се едуцираат, да знаат да ги почитуваат различните ставови и низ дијалог и толеранција мирно да се решаваат проблемите“, кажа Чеј.

    Претставниците на јужнокорејската мировна организација завчера во Скопје беа вербално нападнати и со погрдни зборови омаловажувани, откако граѓанинот кој ги навредуваше и снимаше погрешно мислеше од Кина и се носители на коронавирусот.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира